Силниот јужен ветер што од попладнето го зафати Охрид, повторно го разбранува надојденото Охридското Езеро, кое е речиси до максимално дозволената кота при голем водостој од 694 метри надморска височина. Брановите го заплискуваа кејот и коловозот од улицата „Коста Абраш“ која води во стариот дел на градот.

Во текот на вечерните часови како резултат на циклонска активност на територијата на Република Македонија се најавуваат локални врнежи од дожд кои според прогнозите на места ќе бидат со умерен до засилен интензитет и ќе бидат позастапени во западните и северните делови од земјата, информира УХМР.

Овие врнежи поради нивниот локален и краткотраен карактер не се очекува да предизвикаат излевање на поголемите реки низ земјава иако е можно извесно зголемување на нивниот водостој. Доколку ваквите краткотрајни интензивни врнежи од дожд на поедини места (особено во западните и северните делови на земјата) бидат со висок интензитет можно е да предизвикаат брзо истекување кај малите реки и суводолиците низ земјава. Исто така, доколку процесите бидат поинтензивни проследени со силен ветер и во форма на невреме, можно е во градските урбани средини (во северните и северозападните делови) поради неможноста за впивање на водата да предизвикаат брзо истекување низ градските улици. Исто така, поради најавениот ветер од јужен правец можно е да се очекува појава на бранови долж крајбрежјето на Охридското Езеро.

Поради тоa се препорачува внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците, како и на сите оние места каде во текот на попладневните и вечерните часови на денешниот ден се очекуваат интензивни поројни врнежи од дожд. 

OhridNews