Голем број верници присуствуваа на бдението и Светата Литургија во Бигорскиот манастир по повод Недела на Православието. Следеше традиционалната литија со светите икони, бидејќи историски овој празник е востановен по враќањето на светите икони во храмовите и домовите, по повеќедецениското свирепо Иконоборство.

По свештениот опход, Епископот Антаниски г. Партениј со својот торжествен глас го прочита Синодиконот на Православието, потсетувајќи на хероите на верата и на нивните бесмртни подвизи за чистота и вистинитоста на христијанската вера.

Неделата на Православието не е само одбележување на победата над иконоборството, туку и потсетник на нашата задача да живееме во личносна заедница со Бога, во хармонија со луѓето и со сè што е создадено. Оти, верата не е статичен имот, туку динамично движение кон светоста, процес на непрекиното преумување и преобразба, каде што секој чекор напред е чекор поблиску до Бога. Нашата вера се мери со нашата способност да ја разбереме и споделиме Божјата љубов со светот околу нас, со нашата грижа за немоќните, осамените, тажните и занемарените, со нашата посветеност за заштита на Божјото творение. Православието не е просто една конфесионална припадност; тоа е начин на живеење. Неделата на Православието, пак, ни е еден погоден момент да си ја обновиме таа вера, чиста и најубава, во своите души и срца, и час во кој се потсетуваме на нашиот призив да бидеме светилници на добрината и љубовта во овој свет, следејќи го примерот на благословените витези на верата наша со нашите постапки и слова, вели Епископот Антаниски г. Партениј.

OhridNews

извор. Бигорски манастир

видео. Б. Стојаноски