Повеќе од  5000 метри квадратни трска изгоре во два последователни пожари што деновиве се случија на охридското крајбрежје, во близина на селото Подмолје.


Пожарот кој според првичните информации од истрагата го предизвикал човечки фактор, го загрози одвивањето на сообраќајот на стариот регионален пат Охрид – Струга, а благодарение на брзата  интервенција на охридските пожарникари беше спречено  негово проширување кон пумпната станица од колекторт, што се наоѓа во непосредна близина.


Штетата според експертите од Хидробиолошкиот завод Охрид е огромна затоа што со палењето не се уништува само трската, туку и природните живеалишта на многу видови флора и фауна.

– Трската претставува место каде што многу циприридни риби, особено крапот се мрестат, а исто така многу водни птици тука се гнездат, како лебедот, разни пајки, чапли и други. Исто така трската претставува природен биофилтер и со нејзино уништување се загрозува пречистувањето на езерската вода, која е најчиста токму на места каде има трска која ги акумулира штетните материи во себе.-изјави Марина Талеска од Хидробиолошкиот завод Охрид.


Ова не е прв пат да се пали трската во охридско, а во најголем број случаи тоа намерно се прави од страна на човекот за да се добие поголема обработлива површина, или простор за изградба на плажи и други туристички содржини. Екипата на OhridNews во непосредна близина на големиот пожар затекна граѓанин како пали оган на неговата нива со трска.


Експертите предупредуваат дека последиците од таквото однесување се несогледливи по живиот свет.

– Граѓаните во Охрид и Струга не се доволно запознаени со штетите кои се предизвикуваат со уништување на трската на било кој начин и сметам дека е потребно е да се поработи на подигање на јавната свест кај населението, додава Талеска.


Според податоците на Хидробиолошкиот завод, пред 25 години површината на појасот на трската на македонска страна на Охридското Езеро изнесувала околу 75 хектари, а денес таа неколкукратно е намалена. Годинава Хидробиолошкиот завод  ќе спроведе подетално испитување и мерење на појасот на трската со цел да се утврди сегашната состојба и да се преземат мерки да се спречи понатамошното уништување на природното живеалиште на бројни живи организми.


 Пламените јазици проголтаа 5000 метри квадратни трска

Горан Момироски