Репродукции на документи и фотографии од културниот и општествениот живот во градот и пошироката околина поделени во седум тематски единици се дел од изложбата од отворен тип со која Подрачното одделение на Државниот архив Охрид го одбележува 9-ти јуни, Меѓународниот ден на Архивите.

Меѓу нив може да се видат фотографии од Охридскиот пливачки маратон, Струшките вечери на поезијата, фотографии од црковниот регион, трки со мотови од Охридскиот регион, фондови на поет, режисер и писател од Кичево и уште многу други. Имаме повеќе теми со фотографии и фондови сочувани во нашиот Архив и упатуваме апел до нашите сограѓани кои имаат лични фондови да дојдат да разговараме, тие фондови да ги сочуваме и да ги имаме како наше наследство од трајна вредност и да ги презентираме на вакви манифестации за да може пошироката јавност да се запознае со комплетниот фонд на нашиот Архив, вели Мартин Ристоски, помлад соработик во охридскиот Архив.

Изложбата се поврзува со Меѓународниот ден на архивите кога пред 75 години е основан Архивски совет под покровителство на УНЕСКО, вели Ѓоко Бакрески, помлад соработник во Архивот.

Скоро секоја година правиме изложби и минатата година имавме организирано ваква изложба со различна тематика, а целта е една да се одбележи Денот на архивите. Тука има семејни фондови, фотографии од Коста Андоновски, Никола Герман… кои се донесени во Архивот и претставуваат дел од архивскиот материјал и дел од нив се тука изложени.

Садете Османи, исто така помлад соработник во Архивот истакна дека постои интерес кај граѓаните за посета на изложбата и дека истата ќе биде отворена и во текот на наредната недела.

Секој што поседува дома одреден фонд може да го донесе овде во Архивот, додаде Османи.

Директорот на установата, Никола Митровиќ Бабе истакна дека Архивот спроведува многу акции за собирање на приватни фондови, кои се доста значајни бидејќи го отсликуваат и животот на одредено лице кое имало доста значајна историска и општествена улога, но исто така го покажуваат и општествениот, културниот живот на нашиот град, а и пошироко.

Токму поради тоа околу 25 приватни фондови се преземени во последниве години. Сите тие подлежат на одредена обработка и дополнително прикажување пред јавноста и достапност за истражување. Во оваа изложба имаме еден таков приватен фонд на авторот Богески, од Кичево, а кој има значење за историјата на самиот град, но и поширокот. Апелираме сите кои имаат приватни фондови да ги донесат, бидејќи ние ги чуваме и ги прикажувае пред јавност со што го продолжуваме животниот век на хартијата и фотографијата во адекватни простори кај што ги чуваме конвенционалните и неконвенционалните документи, вели Митровиќ.

Секоја година на овој ден, додава Митровиќ и на 1-ви Април, кога е формиран Архивот на Македонија организираме изложби со цел да се прикажат одредени изложбени екпонати и да се доближи Архивот до граѓаните, но и тие да дојдат кај нив.

Една двострана интеракција со цел да го афирмираме Архивот се повеќе и со тоа и историјата на Македонија. Собирање на приватни фондови е како еден верижен процес, бидејќи кога пред пет години се започна со една акција за добивање на такви фондови многу луѓе почнаа да не контактираат и да ни доставуваат одредени лични фондови. Веќе и овие приватни фондови кои ги имаме се дел од одредени магистратури, дипломски, па и барања за одредни текстови, а дел се и од вакви изложби. Ова е само еден вид би рекол изожба која не е толку богато експонирана. Имаме за цел да напрваиме една навистина богата изложба не само со фотографии туку и со некои помодерни софистицирани елементи како што се дигитализаиција и слично, информира Митровиќ.

Инаку, изложбата ќе биде поставена до 16-ти јуни во дворот на институцијата.

Н.С.Ј.

видео. Б. Стојаноски.