Со транспаренти на кои беа испишани паролите „Фашизмот мора да падне, не за бугарскиот Хитлер“, „Со фашисти не сме исти, ние сме антифашисти“, „Со фашисти не се преговара“ и, на моменти тензична атмосфера, бројни граѓани од Охрид  денеска го изразија незадоволството од отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во центарот на Охрид.

Граѓаните велат дека не се против отварање на бугарски клуб во земјава, но дека името на клубот е провокација.

Провокативно е името, немаме против отворањето на клубот. Секој има право да каже како се чувствува, но името е провокативно – и Цар Борис и Ванчо Михајлов во Битола. Немаме ништо против нивната определба, нека си кажат како се чувствуваат, но имињата се провокативни, рекоа собраните граѓани.

Полициските службеници, кои ги имаше во голем број, во еден момент спречија инцидент кога група од демонстрантите се обиде да го пробие полицискиот кордон.

Учесниците на протестот ја пееја македонската химна и антифашистичката слободарска песна „А бре Македонче“. Тие извикуваа „АСНОМ е жив“, „Не за фашизмот и врховизмот“ „Татари“… а некои од учесниците фрлаа со камења и јајца кон отворениот бугарски клуб.

Фото: Емил Јовановиќ

Протестот го организира политичката партија „Левица“, а и ВМРО-ДПМНЕ повика на масовност, но тој да биде мирен, демократски и без инциденти.

Виолета Аврамоска од ЛО Левица Охрид истакна дека денес се излезени на протест против здружението кое го носи името на познат фашистички државник Цар Борис III.

Ние немаме ништо против Бугарите, но сме против отворање на вакви клубови именувани по познати фашисти како Цар Борис III и Ванчо Михајлов. Против сме против глорификација и рехабилитација на фашизмот. Овдека сме за да го вратиме згазеното достоинство на македонскиот народ и македонската нација и да го вратиме достоинството на антивашистичките борци. Бевме на моменти испровоцирани, но овде не бевме дојдени со намера да бидеме насилни, не сме анархисти, дојдовме да го искажеме нашиот став и револт дека сме против глорификација и рехабилитација на фашизмот кој на голема врата веќе ни се промовира како т.н. европски вредности, рече Аврамоска.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации со што не само ќе се спречи идно формирање на вакви квази културни клубови туку и ќе може да се реагира за веќе постојните кои власта на СДСМ дозволила да се регистрираат и е нивен соучесник, рече денеска во Охрид пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.

Ова не се европски вредности. Затоа, уште денес на овие процеси мора да се стави крај. По, Ванчо Михајлов и Цар Борис III, неспорно е дека ќе продолжат обидите за ревидирање на историјата на Македонија и претставување на окупаторите како ослободители. На крајот на денот не се само Евреите, македонскиот народ памети колку жртви дал за ослободување од војските испратени од оној на кој денес во Охрид му се отвора културен центар, изјави меѓу другото Мизрахи.

Во последниве две години, рече таа, на политичката сцена во Македонија и Бугарија, се повидливи стануваат актерите кои се залагаат за ревидирање на историјата, историските факти што меѓу останатото, подвлече, резултира со обиди за искривување на вистината за холокаустот на Евреите од Македонија.

Според неа, ова е во целосна контрадикторност со резолуцијата на Обединетите Нации за спречувањето на негирање на холокаустот од 20 јануари 2022 година, како и дефиницијата на игра која е усвоена од Европската комисија.

Само еден елемент на овој процес е отворање на т.н. „културни центри“ со називи на контроверзни историски личности и фашисти, како што е Цар Борис III, кои имале директно учество во геноцидот на Евреите од Македонија. Би сакала да нагласам дека Евреите од Македонија се дел од европското семејство и ваквите процеси, за мене, а верувам и за сите вас се неприфатливи и претставуваат повеќе од сериозна провокација, истакна пратеничката од ВМРО – ДПМНЕ.

Томе Блажески, претседател на здружението „Цар Борис III“, по отворањето на клубот рече дека протестот е граѓанско прво, а тие се почитувачи на делото и ликот на Цар Борис III.

Уште пред една година го отвориме здружението со сите документи, со целиот почит кон државата, институциите и законите. Се беше нормално, нас никој не не стопира и не ни забрани. По скоро една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Ние се оградивме дека немаме никаква соработка или некој нацистички, неонацистички или фашистички движења, доколку имаме нека не судат, но ние таква работа ништо не сме направиле. Ние сме почитувачи и  само го избравме ликот на Цар Борис како еден бугарски цар. Со изборот не мислевме да направиме провокација, ние живееме во Охрид и Македонија, не сме имале проблем ниту сме провоцирале. Се се исполитизира. Доколку нешто сме згрешиле и се извинуваме на целата јавност, но ние не сме направиле никаков прекршок. Ги запазивме сите закони и со целиот почит кон државата, Македонците. Имаме бугарска литература кој сака може да си земе може, но пропагандни работи не се прават. Се надеваме дека ќе биде се во ред, додаде Блажески.

На отворањето на клубот присутвуваа амбасадорот на Бугарија во Македонија, бугарските конзули од Скопје и Битола, претставници од политички партии од Бугарија, како и бизнисменот и филантроп д-р Милан Врабевски, со чија финансиска помош е отворен клубот.

Во тензична атмосфера Охриѓани го изразија незадоволството од отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“

Н.С.Ј.

видео. К.С.