Полни раце работа имаа припадниците на полицијата изминатото деноноќие на подрачјеот што го покрива СВР Охрид.

Во текот на вчерашниот ден, од 12 до 18 часот, во акција на сообраќајната полиција констатирани биле вкупно 40 случаи на непрописно престигнување: Охрид-19, Струга-07, Кичево-12, Дебар-02. Сите возачи добиле прекршочни платни налози.

Вчера попладне во 14.50 часот, во деловен објект лоциран на улицата „Железничка“ во Охрид, охриѓанка нападнала 50-годишна сограќанка. Против неа, СВР Охрид ќе поднесе соодветна пријава, соопшти полицијата.

Истиот ден, пак, пред деловен објект лоциран на улицата „Дејан Војвода“ 75-годишен охриѓанец го нарушил јавниот ред и мир со викање и непристојно однесување кон работник на обезбедување, а потоа и кон полициските службеници кои биле повикани и пристигнале на местото. Против нарушителот ќе биде поднесена соодветна пријава, информира СВР Охрид.

Во друг случај, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 42-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „изнуда“ и „оштетување“. Тој, во неколку наврати во изминатите шест месеци, со закани, на лице од Скопје му барал парични средства во износ од 600.000 денари, а во два наврата, извршил оштетување на неговиот автомобил.

Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 65 прекршоци за неносење лична заштита на лицето: Охрид-15, Струга-31, Кичево-18. Дебар-1.

OhridNews