
Контролата на сообраќајната полиција се изведе во рамките на превентивниот проект „ Летна кампања 2014“ на МВР при што беа контролирани 94 возила, а 74 возачи беа алкотестирани. Полициските службеници поделија 50 едукативни флаери за младите возачи “Алкохол и волан-најлоша комбинација“ и 36 освежувачи како пригоден подарок за совесните возачи .
– Целта на превентивната акциска контрола “Алкохол и волан-најлоша комбинација“ е зголемување на степенот на сообраќајна едукација и култура кај учесниците во сообраќајот и генерално зголемување на безбедноста во сообраќајот, но и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информира портпаролот на СВР Охрид, м- р Стефан Димоски.
Проектот „Летна кампања 2014“ со низа акциски контроли ќе продолжи да се реализира и во текот на идниот месец при што ќе бидат поделени 50.000 едукативни флаери “Алкохол и волан – најлоша комбинација“.
Инаку, според статистичките согледувања и анализи на Министерството за внатрешни работи, најголемиот број тешки сообраќајни несреќи се случуваат во населените места во текот на овие два летни месеци, и во деновите петок и сабота кога младите се најактивни.
За првите шест месеци од оваа година, во земјава се случиле 1.753 сообраќајни незгоди со фатални последици во кои загинале 64 лица, а преку 403 лица се здобиле со тешки телесни повреди додека пак 2028 лица се здобиле со телесни повреди. Од извршените сообраќајни контроли пак во овој шестмесечен период констатирано е дека во просек неделно над 200 возачи управуваат возило под дејство на алкохол.
OhridNews











