Страниците на светската онлајн библиотека Википедија, ќе бидат збогатени со статии за вредниот ендемски жив свет во Националниот парк Галичица. Ова е договорено при неодамнешната посета на членовите на Вики клубот од Охрид на Јавната установа НП Галичица, на која тие се запознаа со природните реткости на паркот.

Членовите на Вики клубот Охрид со менторот Наташа Неданоска изработија статија за еден вид растение, а во текот на летото ќе следат многу други.

Оваа активност која е предвидена да трае подолго време, ја нарековме „Летна Вики Школа”, затоа што планот ни е да работиме цело лето, да одиме на терен, да реализираме мини кампови и пикници и да споделуваме  интересни доживувања заедно со екипите на НП Галичица. Целта е да се збогати Википедија на македонски јазик со квалитетни написи од областа на науката, културата, спортот и сè што е поврзано со градот Охрид во соработка со соодветните институции за нејзиниот регион, оставајќи трајни вредности на енциклопедијата. – велат од Вики клубот Охрид.

Од ЈУ НП Галилчица изразуваат задоволство што млади ентузијасти ќе работат на промоција на природните вредности на паркот.

ЈУНПГ секогаш со задоволство ги прифаќа ваквите и слични иницијативи. Посебно ни е драго што во случајов станува збор за млади ентузијасти кои се иднина на нашето општество, а кои сакаат да придонесат дури и во летниот период кој е наменет за нивен одмор. Соработката ќе продолжи и искрено се надеваме на плодородни резултати во насока на промоција на природните и културните вредности на Националниот парк Галичица.”-изјавија од ЈУНП Галичица.

Вики клубот Охрид, покрај на статии за ендемичните видови на флора и фауна во Охридскиот регион, ќе работи и на натписи за културно-историските споменици, археолошките места, историските концепти, настани, познати личности, добитници на награди и промотори на градот.

Информациите за родниот град треба да бидат достапни, читливи, навремени, квалитетни обработени со поддршка на фактите, а тоа е еден од начините да му се оддолжиме на родниот град што го сакаме. Обуките што ги добиваме за наставници и ученици, како и менторството, ги ставаме во функција на градот Охрид и Википедија на македонски јазик“. – нагласи Наташа Неданоска, координатор на Вики клуб Охрид и едукатор за образование во ГЛАМ Македонија.

Вики клубот Охрид, е дел од здружението ГЛАМ Македонија кое придонесува во уредување на Википедија на македонски јазик.

Г.М.