Летната туристичка сезона во Охрид, засега е под очекувањата. Иако е средина на јули, во градот ја нема вообичаената раздвиженост. Хотелите на охридското крајбрежје кои пред сезона ги продадоа своите капацитети на странски тур-оператори се солидно исполнети, за разлика од приватното сместување и викенд становите кои во најголем дел се празни.

-Потфрлување има во приватното сместување бидејќи таму поголем е бројот на домашни или гости од соседните земји кои доколку не им се погоди времето наместо 7 дена остануваат само два или три дена. – изјави Дончо Танески, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија –  ХОТАМ. 

На ривиерата најбројни се странските гости, кои во најголем дел доаѓаат со авионски и автобуски чартери. Тие велат дека уживаат во убавините на Охрид, а прифатливи им се и цените во градот.

-Ги посетивме Берово, Попова кула и сега сме во Охрид, кој е навистина прекрасен.

-Охрид е дел од нашата балканска тура во рамки на која уште бевме и во Србија и Бугарија. Охрид е преубав, а и цените се пониски во однос на соседните држави. – изјавија туристи од Полска.

За разлика од странските, домашните гости имаат сериозни забелешки на цените во Охрид, особено на услугите на плажите. Според туристичките работници, тоа се должи на обидите на одредени угостители да заработат во сезона. 

-Не секаде цените се високи. Цените на плажите со кои стопанисуваат хотелите не се променети во изминатите две години, но имаме ситуација каде што имаме злоупотреба од колегите кои во сезона за месец или два закупиле простор или само шанк на плажа, таму може да сретнеме секакви цени. Сепак треба да се знае дека согласно закон, угостителите се должни јавно да ги истакнат цените, така што посетителите ќе бидат информирани и ќе изберат сами каде ќе седнат.-вели Танески.

За цените во Охрид деновиве се води жестока дебата на социјалните мрежи. Според одговорните во локалната самоуправа тоа што се објавува на социјалните мрежи не ја одразува реалната слика за Охрид.

– Една фискална сметка која се поставува на Фејсбук или на интернет не претставува одраз на целокупната слика за градот. Не може преку една фискална сметка да се генерализираат цените на целиот град.– изјави Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.

Сепак Апостолов смета дека цените на одредени услуги во Охрид се можеби високи за стандардот на домашните гости, додавајќи дека општината не може ништо да направи во врска со тоа затоа што тие се формираат по принципот на пазарна економија. Според него постои и интенција Охрид да се прикаже во негативно светло, што се одразува на туристичката сезона.

-Со години наназад ние имаме една негативна кампања насочена кон Охрид. Искрено не можам да кажам од кого е иницирана и кои се целите на таа кампања, но постојат такви обиди да се дискретира Охрид.-додава Апостолов.

Тој најави дека наскоро ќе се одржи седница на Економскиот совет на општина Охрид на која ќе расправа за проблемите кои го мачат охридскиот туризам.

Г.М.