Нивото на Охридското Езеро повторно е до максималната кота од 694 метри надморска височина, дозволена при високи води. Тоа крајно негативно се одразува на стариот и дотраен колекторски систем, кој во ситуација на големи води е нефункционален и претставува сериозна еколошка закана, на што веќе подолг период предупредуваат стручњаците.

– Голем дел од колекторот е изграден баш во крајбрежниот појас и вкопан е под езерото, што значи дека сигурни се механички оштетувања на самиот колектор и инфилтрација на вода во цевките кои се азбест-цементни по градба. Таа траса сигурно прима голема количина на вода и со тоа го оптоварува и самиот амортизиран колекторски систем. – изјави неодамна Ѓоко Зороски – инженер по животна средина.

МЈП Проаква неодамна испратило допис до надлежните институции и ЕЛЕМ во кој предупредува дека поради зголеменото ниво на подземни води колекторот не може да ги преработува отпадните води, а високиот водостојот на Црн Дрим кај пречистителната станица Враништа може да предизвика излевање на непречистени води во реката. Премиерот Заев вели дека владата е свесна за лошата состојба во која се наоѓа колетороскиот систем на Охридското Езеро и работи на изнаоѓање решение за проблемот.

-Ние во пакет сакаме да го решиме со изнаоѓање начини на финансиско помагање на општините преку кредитно задолжување на подолг рок со помали каматни стапки. Во целиот пакет претпоставувам и очекувам дека владата ќе донесе одлука за целосно преземање на управувањето со колекторскиот ситем и не само тоа, туку и обврската да го надогради колекторскиот систем и да биде максимално ставен во функција, како и неговото одржување. – изјави во Охрид премиерот Зоран Заев.

Јапонската владина агенција Џајка изработи физибилити студија во која се наведува дека работата на колекторскиот систем на Охридското Езеро е нарушена и потребна е итна санација и ревитализација. За тоа според проценките на експертите се потребни 54 милиони евра кои најголемата крајезерска општина, а воедно и најзадолжена општина во земјата, Охрид, не може сама да ги обезбеди.

Г.М.