Фестивалот „Охридско лето“ е на високото трето место во Европската Асоцијација на Фестивали која вклучува 100 фестивали од 40 земји, оценија делегатите на годинешново Генерално Собрание на Асоцијацијата што се одржа од 14-ти до 17-ти во Лисабон, Португалија. Ваквото признание пред се се должи на квалитетот на програмата кој се нуди изминативе 59 години, врвните светски имиња кои настапиле на фестивалската сцена, како и фактот што Охридско лето е еден од најстарите Фестивали меѓу сите членки на Асоцијацијата.

Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ која заедно со претседателката на Управниот одбор, Нина Момировска, беше дел од овој голем собир, вели дека европските делегати едногласно ја дале поддршката „Охридско лето“ да биде меѓу најдобрите на европската културна сцена токму поради големината на  богатата историја на Фестивалот.

  • Ова е само потврда дека сме надалеку познат и признат фестивал, ценет од најголемата културна Асоцијација, еден од најстарите и најпочитуваните фестивали во тоа семејство. Добиваме бројни честитки и пофалби за големината на уметниците кои поминале низ годините, но и за изборот на уметниците кои ќе настапат годинава.  Навистина ми претставуваше гордост во својата презентација да ги спомнам големите имиња кои со свои маестрални дела оставиле печат во  фестивалската историја како легендарниот руски виолинист Леонид Коган , виолончелистот Андре Навара од Франција, светскиот  Хозе Карерас, Енио Мориконе и многу други кои учествувле на нашиот фестивал, смета директорката на „Охридско лето“.

Претставниците на европските фестивали-членки на Асоцијацијата исто така биле едногласни и во одлуката Охрид да биде домаќин на Генералното собрание на бордот на директори на ЕФА,  кој брои 23 делегати од цела Европа,следната година кога Фестивалот Охридско лето слави јубилеј, 60 години успешно постоење.

  • Со првите луѓе на ЕФА, претседателот Јан Бриерс и генералниот секретар Кетрин Девентер, веќе ги започнавме првичните преговори за ваквата одлука со која ни е дадена честа  да бидеме домаќини навака значајни преставницина ЕФА во 2020 година. Заедно со претседателката на УО на Охридско лето, Нина Момировска, изразивме уверување дека сме спремни  да организираме еден вака голем настан во годината кога ќе го славиме 60-то издание на „Охридско лето“. Токму поддршката која ја имаме од сите институции на  државата, посебно, поддршката од страна на Владата на преку Ресорното министерство за култура, претседателот на државата кој воедно е и покровител на фестивалот како и поддршката од стопанството преку одделни фирми и претпријатија кои финансиски го помагаат фестивалот ни дава за право да изразиме уверување дека целосно и професионално ќе се ангажираме целиот настан да помине во беспрекорна реализација со содржини кои успешно ќе ја надградат културната репутација на сите членки насекаде во светот, вели Поповиќ.

На Лисабонскиот самит директорката Поповиќ презентирајќи ја големината на „Охридско лето“ го потенцирала и значењето во поглед на развојот на туризмот преку  бројните  гости кои пристигнуваат во Охрид токму поради квалитетот на фестивалската програма која се нуди од 12 јули до 20 август.

  • Од оваа година започнуваме со новините за збогатување на културната понуда. Направивме неколку концерти надвор од фестивалската рамка, чекор со кој веруваме дека ќе придонесиме кон развојот на туризмот преку цела година.Охридско лето ќе биде дел и од туристичката понуда на агенциите а промоцијата од оваа година ќе биде збогатена и со воведување туристички водич за уметниците, вели Поповиќ.

На годинешново 67-мо генерално собрание на ЕФА учествувале 230 делегати од 80 европски фестивали.

OhridNews