Визијата на општина Охрид е блиску до светските стандарди за одржлив туризам, но многу значајно е како таа ќе биде спроведена, вели Елена Иванова од Свис контакт – швајцарската агенција за развој и соработка. Агенцијата изминатиот период работеше на извештајот за примена на светските стандарди во туризмот во Охрид, како најсложена дестинација во земјата, кој наскоро ќе биде презентиран. Доколку се анализира во бои – црвена, зелена и жолта, во најголем дел извештајот е црвен, рече  посочи Иванова.

– Тоа не значи дека не знаеме што е одржливо, туку дека можеби не сме се синхронизирале еден со друг да преземеме заедничка акција и да дефинираме што е приоритет. Само тој чекор да се направи веќе голем дел ќе се дефинираат приоритетите. Ние сега имаме претстава колку е опсежен тој дел на практики кои треба да се воведат, но всушност станува збор за стандарди кои даваат насоки која регулатива треба да се почитува, не е толку сложено само е потребно заеднички да делуваме. – рече Иванова.

Анализите покажале дека еко, руралниот и авантуристичкиот туризам во Охрид се неразвиените делови од одржливиот туризам, но има одржливи практики од културниот и конгресниот туризам.

-Не е поентата да одиме само во една насока, стандардот во туризмот подразбира да сфатиме што е прифатливо, а што не. Ние не сакаме да имаме еден милион туристи во Охрид како што е случај тоа со Барселона, тие ќе ги повредат вредностите и ќе ги загрозат нормалното живеење на луѓето тука, во еден момент ќе имаме економска исплатливост, а во друг тоа ќе се сруши. Поентата е да сфатиме до каде е границата до која можеме да одиме. – појасни Иванова.

Во Охрид денеска и утре се одржува обука на која се презентираат стандардите на одржливиот туризам, и можностите за спроведување и подобрување на овие практики во Македонија, на која учествуваат претставници на туристичкиот сектор, туристички асоцијации, државни институции кои имаат ингеренции во областа на туризмот, претставници на неколку општини, образовни институции и граѓански организации.

Предавачи се експерти од Глобалниот совет за одржлив туризам, тело кое е спонзорирано од Светската туристичка организација на Обединетите нации и претставува врвен авторитет во светот за воспоставување на стандардите за одржлив туризам кои се однесуваат на одржливост на дестинациите и одржливоста на туристичките бизниси. 

-Македонија се соочи со специфична ситуација, бидејќи со распадот на Југославија загуби еден голем пазар. Туристичкиот бизнис се соочи со нови предизвици, кој нов производ ќе го замени тој пазар. Но, тенденциите се добри, а институциите и туристичките чинители имаат волја да учат и да ги применуваат светските стандарди за одржлив туризам. – истакна Ренди Дурбан, директор на Глобалниот совет при ОН.

Според Горан Мицкоски од Секторот за туризам и локален економски развој, соработкаката со Свис контакт и ИМЕ програмата за примена на светските стандарди во туризмот, нуди големи можности за Охрид.

-Охрид како врвна туристичка дестинација нема проблем со бројот на гости, она што ни е потребно е креирање на туристички производ којшто ќе привлече поинаков тип на гости, ќе донесе поголем бенефит за локалното население и ќе доживеат врвни туристички искуства во така развиена туристика дестинација. – рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека Општина Охрид е во фаза на подготовка на нов развоен документ за туризмот во кој ќе бидат имплементирани светските стандарди за одржлив туризам и начини на соработка помеѓу институциите.

Г.М.