Да се направат најдобрите десерти на светот од препознатливата Француска кујна, според оригинален рецепт, е предизвик за секој професионален слаткар. Наташа Трајкова веќе две години ги прави најубавите франуски слатки во хотел – ресторанот „Скај Корнер“. Вкусните десерти станаа слатка навика на охриѓани и гостите кои секојдневно уживаат во нив. Но, тие кријат и слатки тајни кои ги разнежнуваат срцата, како тоа на младата девојка која во омилениот десерт од „Скај Корнер“ го пронајде прстенот со кој нејзиниот сакан ја побара нејзината рака. Професионалниот слаткар Наташа Трајкова во разговор за OhridNews ги открива тајните на преубавите десерти на „Скај Корнер“ чиј вкус го освои Охрид.

OhridNews: Слаткиот програм е исклучително значаен во понудата на секој сериозен угостителски објект. Што е тоа што го издвојува „Скај Корнер“ од конкуренцијата?

Наташа Трајкова: Ние ја работиме азбуката на Франциуското слаткарство, кое е меѓу најценетите во светот, според оригинални рецепти. Препознатливите француски слатки, како што е еклерот на пример, се работат според автентичен рецепт, почнувајќи од основата. Не работиме со никаква вештачка суровина, тоа е едно од основните правила кај нас во слаткарството, да ги избегнуваме готовите работи. Така секој што ќе проба може да го почувствува вистинскиот вкус, односно јаде вистинско француско колаче во Охрид.

OhridNews: Како е прифатена „слатката“ понуда?

Наташа Трајкова: Одиме во чекор со времето и се прилагодуваме на сите генерации. Брзо го фаќаме чекорот и ги следиме потребите и желбите на гостите. Асортиманот се менува сезонски и се прилагодува. Веќе сме препознатливи по слатките кои ги правиме, а како расте „Скај Корнер“ паралелно расте и нашата слатка приказна. Пиењето кафе се поврзува со нашата понуда на слатки што многу ме радува. Искажувам голема благодарност за можноста да се остварам професионално и да работам во извонредни услови, со одлични суровини достапни од цела Европа, добри дистрибутери кои не снабдуваат и можностите кои ги имаме за надградба преку обуки и презентации, и секако огромната слобода во работењето.

OhridNews: Добрите суровини се основа за добар десерт. Колку тие се достапни кај нас?

Наташа Трајкова: Нашите дистрибутери ги задоволуваат солидно над 90% од нашите потреби. Слатките ги работиме со најквалитетното чоколадо во светот – белгиското, кое ни е достапно тука. Редовно сме снабдувани со квалитетни суровини од странство, немаме ништо против нашите, но за да се добие врвен квалитет мораме да работиме со такви суровини кои ни се достапни во секое време. Тие го даваат вкусот на колачето. На пример „хазелнутотот“ на изглед за македонски услови можеби изгледа мал, но кога ќе го вкусите ќе ве одушеви полн вкус на лешник, а за тоа да се добие мора да се работи со прва класа суровини со извонреден квалитет. Французите имаат една парола: Слаткарот се мачи, ама конзументот ужива.

OhridNews: Каков вкус имаат охриѓани?

Наташа Трајкова: Хедонистите секогаш знаат да оценат. Не ги привлекува само визуелното. Најмладите, пак, ги привлекува овошниот асортиман како што се слатките во форма на јаболко, јагода, круша. Охриѓани прифаќаат новитети, а културата на јадење добар десерт станува традиција.

OhridNews: Побарале нешто од вас нешто необично?

Наташа Трајкова: Со вкусните десерти се одбележуваат значајни мигови од животот, родендени, годишнини, јубилеи… Ова лето не посети гостинка која претходно ги пробала нашите колачи. Таа побара да и направиме асортиман од сите можни овошја и во еднно да го скриеме вереничкиот прстен за нејзината идна снаа. Беше предизвик, но од друга страна и задоволство затоа што на семејните фотографии ќе го има нашиот производ.

OhridNews: Какви коментари добивате, има ли сугестии?

Наташа Трајкова: Се прилагодуваме на потребите. Француската кујна за нас Македонците не е непозната, но е непозната како вкус. Француските колачи се убави и ги знаеме, како еклерот кој го спомнав. Но кај нас се присутни варијанти, додека оригиналниот француски еклер кој се прави во „Скај Корнер“ е со три вида црно чоколадо, со процедура на правење според оригинален рецепт. Новитет е кај нас нутелата која ја прифативме бидејќи на овие простори таа е препознатлива, потоа овошните колачи ги работиме со сезонски суровини од нашето поднебје. Париз брестот е основа на француското слаткарство, нашиот е со висок квалитет, а ќе има и други новитети како Татин-тар кој се прави со јаболка. Ќе користиме македонско јаболко за подготовка на овој препознатлив француски десерт, затоа што нашето овошје е со светски квалитет.

OhridNews: Современиот туризам подразбира следење на современите трендови. Колку тоа се практикува кај нас?

Наташа Трајкова: Ги следиме светските трендови. Постојано посетуваме стручни обуки, ги надградуваме нашите знаења, затоа што како и во се друго и во гастрономијата работите брзо се менуваат, а исто така се менуваат и потребите на гостите. За странците француското мени е познато, но тие се изненадени од вкусовите затоа што македонскиот шмек на овошјето и суровините кои ги користиме од тука даваат исклучителен квалитет. Пратиме чекор со свтетот, но морам да нагласам дека тука во „Скај Корнер“ имам извонредни услови, работам со квалитетни суровини, а кога имате такви услови креативноста доаѓа сама од себе.

OhridNews: Што ќе им порачате на охриѓани, какво благо и колку?

Наташа Трајкова: Има еден француски нутриционист кој препорачува да не го забораваме шеќерот во исхраната, затоа што тој го храни мозокот. Не заборавајте на колачето, затоа што тоа не е само задоволство, ама тоа да биде во правиот термин. Моја препорака е кога добриот ручек ќе заврши не го заборавајте десертот и уживајте во него.

Г.М.
Фото: А. Момироска