Владата на Република Македонија во наредниот период ќе посвети поголемо влијание на туризмот најави премиерот Груевски.
-Во среда ќе почне да работи нов Комитет за туризам во Владата кој лично ќе го водам јас во кој ќе бидат сите министри, директори и државни функционери кои на некој начин имаат врска со туризмот. Покрај постојаните членови, ќе има и непостојани. Комитетот ќе се состанува еднаш на месец и пол два и ќе ги договараме стратешките и важните работи за развој на туризмот.-изјави Груевски.
Покрај оваа новина премиерот најави и други проекти кои според него треба да придонесат во развој на туризмот.
– Пред неколку месеци почна проектот со кој се овозможува градби на хотели на државно земјиште со почетна откупна цена од едно евро што стимулираше повеќе луѓе само во овој краток период да излезат на тендер и да купат место за хотел. Таа пракса ќе ја продолжиме и во иднина. Има голем интерес. Кога има многу хотели самите хотелиери се трудат да донесат што е можно повеќе туристи. Тоа е придонес за севкупната економија и во местото каде што е хотелот, но и пошироко каде што одат туристите, рече Груевски.
Премиерот смета дека владините субвенции за тур-операторите и другите мерки ги даваат посакуваните ефекти, а потврда за тоа е и зголемениот број странски туристи во земјата.
– Годинава над 20.000 странски туристи ќе го посетат Охрид и пошироко, Македонија. Покрај посетата на Охрид, новитет е тоа што туристите што доаѓаат во Македонија сакаат да посетат и многу други места и добро е што тоа се случува. Тоа е извор на вработување на многу луѓе, прилив на девизи, реклама за Македонија, градење имиџ, но ова во голема мерка придонесува тоа што Владата од минатата година почна да дава субвенции за тур-операторите да носат туристи од странство и тоа даде свој ефект.-посочи Груевски.
Премиерот смета дека за порастот на странски туристи во земјава заслуги има и тригодишната рекламна кампања на меѓународни телевизии и во весници, најавувајќи дека Владата и натаму ќе продолжи да го стимулира развојот на туризмот.











