Владата ќе го намали данокот на додадена вредност за дизел горивото од 18 на 10 отсто, како дополнителна мерка со која треба да се ублажи ценовниот удар пред новата пресметка на цените на нафтените деривати.
Мерката денеска ја најави премиерот Христијан Мицкоски, кој информира дека на владина седница преку видео-врска треба да биде донесена одлуката за намалување на ДДВ.
Мерки веќе имаме — намалени акцизи и за дизелот и за безоловното гориво. Во текот на денот денеска ќе имаме повторно владина седница преку видео-врска и ќе донесеме уште една мерка, а тоа е намалување на данокот на додадена вредност за дизел горивото од 18 на 10 проценти, изјави Мицкоски.
Според него, целта е наместо драматично зголемување да се постигне намалување на цената на дизелот и на тој начин да се заштити стандардот на граѓаните. Премиерот посочи дека мерката ќе има импликации врз државниот буџет, но дека приоритет на Владата е ублажување на ценовниот удар.
Ова не е прва ваква интервенција годинава. Во март Владата, во услови на силен раст на цените на нафтените деривати, исто така ја намали стапката на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, како мерка за амортизирање на поскапувањето.
Во моментов, согласно последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се продава по 101 денар за литар. ЕУРОСУПЕР БС-95 чини 97 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 – 99 денари за литар.
Новата пресметка на максималните малопродажни цени на нафтените деривати се очекува утре да ја соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Тогаш ќе биде познат и конкретниот ефект од владините мерки врз цената што граѓаните ќе ја плаќаат на бензинските пумпи.
OhridNews












