
Владата на Јапонија ќе финансира опремување на Општата Болница Охрид со амбулантно возило за што се обезбедени 37.930 евра. Општата Болница во Охрид е главен медицински центар во овој регион. Основана во 1964 година, болницата лекува пациенти од околните села и градови, но и од соседна Албанија. Пациентите кои не можат да добијат соодветно лекување во болницата, често се пренесуваат во клиниките во Скопје и Битола. Амбулатното возило со кое располага болницата е старо, често се расипува и болницата е принудена да позајмува амбулантни возила од други здравствени центри. Со овој проект, Владата на Јапонија, одобрува финансиска поддршка за купување на ново амбулатно возило, за да се подобри транспортот на пациентите кои поради лекување мора да бидат пренесени во други болници во државата, стои во образложението.
Со овој грант ќе се финансира уште еден проект во регионот. Станува збор за рехабилитација на Основното Училиште Свети Климент Охридски во село Драслајца, во Општина Струга, за што се доделени 63.676 евра. Поради оштетувања на дрвените врати и прозорци, кои не се обновени од самата изградба во 1985 година, наставата во училиштето се одвива во отежнати услови, особено во зимскиот период кога температурите во просториите не го достигнуваат потребниот минимум. Владата на Јапонија за овој проект доделува финансиски средства за целосна замена на вратите ипрозорците на училиштето, како и инсталација на аларми системи за противпожарна заштита, со цел да им се овозможат соодветни услови за настава на учениците.
OhridNews











