Владата предложи план за ревитализација на „ЕМО“ Охрид, некогаш стопански гигант, а денес еден од најголемите загубари во земјата.

-Планот е базиран на идејата одредени делови на АД „ЕМО“ што се се уште конкуренти на пазарот да продолжат да работат, а да се изврши рационализација на другите делови каде конкурентноста поради разни причини не е на потребното ниво.-истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, по средбата на владината делегација предводена од него со претставници на на ЕМО.

Тој појасни дека идејата е бројот на вработени во ЕМО да се сведе на околу 500 до 600, најавувајќи дека сите заостанати давачки за  социјално, пензиско и здравствено осигурување ќе бидат регулирани во целост кон сите вработени. За таа цел ќе биде извршена трансформација на побарувањата, објасни Пешевски.

– Сите вработени во ЕМО ќе добијат дополнителен паричен надоместок за заостанати плати, лимитиран на најмногу 2.300 евра. Оние вработени кои се од ДООЕЛ-ите што не се активни и кои повеќе од четири години не доаѓале на работа, ќе добијат значително помал износ, оние кои во изминатиот период преку постапки на извршување наплатиле дел од своите плати во АД „ЕМО“ исто така ќе добијат помал износ и се разбира ќе има мала разлика меѓу оние кои им недостасуваат уште пет години до пензионирање и останатите, рече Пешевски.

Вицепремиерот додаде дека работниците кои ќе бидат прогласени за технолошки вишок, согласно законот ќе добиваат соодветен надомест преку Агенцијата за вработување во износ од 50 проценти од просечната плата реализирана во последните две години и тоа за период од една година и 40 отсто од тој просек за две години во наредните четири години. Тоа значи дека дека работниците што имаат пет години до пензија ќе се пензионираат, а останатите по тој период нема повеќе да добиваат надоместок.

Проценките на владиниот економски тим се дека за реализација на предложениот пакет мерки за спас на „ЕМО“, ќе бидат потребни околу седум милиони евра. Паралелно со рационализацијата, ќе се работи и на подобрување на ликвидноста на компанијата.

– Дел од имотот на АД „ЕМО“ што не е во функција може да биде продаден, а средствата од продажбата ќе се употребат како обртен капитал, образложи вицепемиерот.

Тој упати апел до вработените да веруваат во раководството на компанијата, ветувајќи дека целокупната постапка доколку биде прифатена, ќе се спроведе транспарентно. При тоа вицепремиерот укажа дека е потребно вработените да престанат со поднесување тужби за наплата на заостанатите плати, бидејќи извршните решенија и судските процеси  го отежнуваат процесот.

Пешевски истакна дека за десетина дена ќе се знае дали предложениот план ќе биде прифатен од управниот одбор и од вработените, а доколку истиот добие зелено светло ќе се реализира  целосно до крајот на првиот квартал од наредната година.

Државата која е доминантен сопственик на акциите на АД „ЕМО“  претходно  шест пати се обиде да ја продаде компанијата по пат на тендер, но сите обиди завршија со неуспех.

OhridNews