
Вицепремиерите Зоран Ставрески и Абдулаким Адеми, министерот за образование и наука Перо Стојановски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, вчера имаа повеќечасовна средба со градоначалникот Рамиз Мерко, претставници на локалната самоуправа и директорите на средните училишта, која заврши без конкретно решение.
Владиниот портпарол Шефик Дураку, изјави дека на средбата биле разгледани проблемите во средношколскиот центар во Струга, како и повеќе можни решенија за надминување на кризата, за што како што најави, ќе биде разговарано на денешната средба со родителите на учениците.
Во „Нико Нестор“ вчера немаше наставата, а со бојкот се соочува и гимназијата „Ибрахим Темо“. Учениците Македонци и нивните родители ја прифаќаат идејата за воведување јазични смени на што се противат родителите и наставниците Албанци. Против етнички поделби како решение за надминување на тензиите предизвикани од неодамнешните масовни тепачки помеѓу учениците е и локалната самоуправа.











