Политичките преговори за името на нашата земја нема да влијаат на Македонската православна црква бидејќи таа не размислува да го промени своето име, изјави денеска во Охрид членот на Светиот Синод на МПЦ Пимен.

– Ние искрено се надеваме дека нема да отстапиме од нашето уставно име, не сме ни размислувале во тој поглед. Доколку на крајот на краиштата мнозинството надвладее за да одлучи да се промени името секако ние тоа не би го инкорпорирале во нашето име. Нашето име е Македонска православна црква затоа што се врзува со нашиот идентитет, а не со мноштвото на народи кои ги имаме. Црквата треба да стои над политиката и нема да посегне по тој чекор да го промени своето име, затоа што имаме ние и етихиолошко име Охридска Архиепископија и национално име Македонска православна црква. – рече владиката Пимен.

МПЦ ги исполнува сите услови да биде канонски признаена како автокефална црква, дециден е владиката Пимен, а единствена пречка зошто тоа не се прави, според него, е политиката.

– За жал пречка за тоа се националистичките политики на соседните земји. – додаде владиката Пимен. 

И покрај упатената покана, на одбележувањето на 1000-годишнината од постоењето на Охридската Архиепископија, на чествувањата што се одржуваа денеска и вчера во Охрид, не дојдоа претставници на останатите православни цркви. Во Охрид не допатуваа ниту претставници на БПЦ, до која беше уатена посебна покана. Владиката Пимен се надева дека тоа нема да влијае на натамошните преговори помеѓу двете цркви. 

Г.М.