ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во предвечерието на предвремените парламентарни избори ја заострија реториката, но и меѓусебните овинувања за разни сценарија за нарушување на изборниот процес. Владејачката ВМРО ДПМНЕ, вчера објавија документи за кои велат дека се сценарио за оцрнување на изборите и непризнавање на изборните резултати, кои, како што кажаа оттаму, до нив ги доставиле загрижени членови од СДСМ.

ВМРО ДПМНЕ  презентираше документи за кои тврди дека се испратени од Централниот правен комитет на СДСМ до нивните општински организации, а во кои наводно стојат прецизни инструкции за спроведување на мрачното сценарио на денот на изборите во недела на 5 јуни, истакна на прес конференција Зоран Коњановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Таканареченото сценарио „Јасмин“, посочи Коњаноски,  предвидува општинските организации на СДСМ да достават прецизен број на автобуси и лица од секој град кои се сигурно ангажирани и кои на денот на изборите во Скопје треба да прават немири.

 
Во врска со тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ спрема сценарио за
непризнавање на изборните резултати, министерката за внатрешни рабори, Гордана Јанкулоска вели дека имаат одредени
информации, но не и нешто конкретно. Таа порача дека сите оние кои ќе се обидат да го прекршат изборниот процес ќе бидат бескомпромисно казнети.

Обвинувања стигнуваат и од Изборниот штаб на СДСМ, од каде најавија дека ќе поднесат кривична пријава до МВР заради фалсификување и злоупотреба на меморандумот и симболите на СДСМ од страна на ДПМНЕ.

 „СДСМ бара МВР да ја утврди ИП адресата, која според наши сознанија е адреса од Општина Лозово и од која е испратен фалсификуван допис за наводни инструкции кои Правниот комитет на СДСМ ги испраќа до општинските организации на СДСМ“, рече партискиот секретар Андреј Петров.

Тој додаде дека СДСМ нема потреба од никакви резервни сценарија.

„Сакаме да и порачаме на власта во заминување. Не ни паѓа на крај на памет да ги напуштиме избирачките места, на 5 јуни ќе ја чуваме победата до крај и нема да ви дозволиме да ја фалсификувате волјата на народот“, истакна Петров.

OhridNews