Договорот помеѓу Македонија и Бугарија, за Македонија е штетен и потписот на господинот Заев оди на штета на македонското национално достоинство и на долгорочните интереси кои што ќе произлегуваат како последици од овој договор, истакна на денешната прес конференција членот на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски. Тој се  осврна на, како што рече,  штетниот член 8 од македонско – бугарскиот договор за добро соседство кој што утврдува дека во рок од 3 месеци од влегувањето во сила на договорот, договорните страни ќе формираат заедничка експертска историско образовна комисија.

-Замислете, што ќе работи оваа историско образовна комисија ако во неа членува познатиот бугарски националист господинот Божидар Димитров или некој сличен на него, или некој сличен на господинот министер Каракачанов. Тие ќе се занимаваат единствено и само со македонските учебници, со македонските текстови, со македонските медиуми, со македонските личности од историјата и сегашноста. И ќе бараат нивно соодветно толкување или корегирање. Сметаме дека оваа мешовита историско образовна комисија наместо да расправа за работи за иднината и добрите односи и перспективи кои што Македонија и Бугарија треба да ги имаат, ќе разговара за минатото. И минатото ќе го преточува во дневно политички проблеми. – рече Милошоски.

Тој ја повтори тезата дека доколку во иднина во Република Бугарија денес, дојде евро-скептична влада или влада која што ќе нема да биде во добри политички или сестрински односи со политичката партија владејачка во Република Македонија  договорот може да го користи залегално блокирање на македонските евро-атлански аспирации.

– Не менувањето на еден учебник од македонското образование според теркот на Божидар Димитров или слични националисти од Бугарија може на соседна Софија да и даде легално право да блокира отворање или затворање на поглавје од страна на Македонија со ЕУ. Затоа сметаме дека овој договор е штетен, дека овој член 8 навистина можел да биде со многу подобар текст но само доколку господинот Заев и министерот за надворешни, Димитров прифатеа опозицијата да биде вклучена и да ги земат во предвид нашите конструктивни и суштински предлози. Одговорноста за сегашните и за наскоро идните последици од ваквите штетни клаузули во договорот македонската јавност има можност да ја види. Но додека не се случат овие претпоставени и очекувани штетни дејствија кои што можат да ги обременат дополнително македонско – бугарските односи, ја повикуваме владата и пратениците на СДС во Собранието додека има време да се повлечат од овој договор и да направиме многу подобар поизбалансиран текст кој што нема да го злоупотребува минатото за да ја блокира иднината на Македонија. – додаде Милошоски.

OhridNews