ВМРО ДПМНЕ првиот митинг со кој ќе ја започне изборната кампања за претстојните парламентарни избори, сепак ќе го одржи на градскиот плоштад во Охрид, дознава OhridNews.


Плоштадот „Св. Климент Охридски“

Информацијата ја потврди градоначалникот Александар Петрески, кој изјави дека ќе дозволи ВМРО да митингува на  градскиот плоштад, но дека останатите политички партии  своите митинзи ќе ги одржуваат на просторот на поранешниот полигон за мали спортови, кој деновиве интензивно се подготвува за таа намена.

-Полигонот е исчистен и подготвен, направени е скица каде ќе биде поставена бината и како ќе се движат луѓето. Просторот има 5800 метри квадратни корисна површина на асфалтираниот дел и според проценките собира 23.500 луѓе,  идеален е за одржување митинзи и ги задоволува сите безбедносни стандарди, вели Петрески.


Според пресметките полигонот собира 23.500 посетители

Неодамна советот на општина Охрид донесе одлука митинзите наместо на плоштадот, како до сега, да се одржуваат на просторот на поранешниот полигон за мали спортови, со цел да се зачува од оштетување централното градско подрачје пред главната туристичка сезона, која е на прагот. Пред оваа одлука, ВМРО ДПМНЕ побара и од надлежните институции на локално и централно ниво доби дозвола на 16-ти мај да одржи митинг на плоштадот во Охрид, а сега и официјално е потврдено дека изборната кампања владејачката партија ќе ја започне од плоштадот „Св. Климент Охридски“.


Поранешниот полигон за мали спортови

OhridNews