ВМРО- ДПМНЕ ќе направи се со своето однесување да даде придонес за изборите да протечат во фер и демократски услови. Мислам дека постојат фактори внатре во Македонија и еден или два надворешни фактори кои посакуваат да не се случат фер и демократски избори, а со тоа државата на внатрешен и посебно на надворешно- политички план да доживее следен некој хендикеп. Нема да дозволиме да дадеме било каков изговор за такви случувања и ќе направиме се што е во наша моќ да имаме фер натпревар, изјави Министерот за надворешни работи и носител на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Петтата изборна единица Антонио Милошоски, на локалната конвенција која се одржа попладнево пред општинската ВМРО- ДПМНЕ.


Тој додаде дека споменатите фактори ги лоцира кај државите и поединците кои посакуваат Македонија да има дополнителни недостатоци во однос на евроинтеграциите.  –  Сепак најголемата одговорност ја гледам кај внатрешните фактори- политичките партии, институциите и Државната изборна комисија. Од нив очекувам да го дадат својот најголем влог за да покажеме дека сме земја која  има капацитет да спроведе фер и демократски избори, рече Милошоски.

На конвенцијата покрај носителот на листата, беа претставени и тројцата кандидати за пратеници од Охрид.



– Уште во 2006 ветивме програма исполнета со рокови за која многумина се чудеа дали е остварлива. Со довербата која ја добивме и мнозинството пратеници во парламентот, успеавме да ја реализираме. Сега сме на прагот на предвремени избори кои уште еднаш ќе покажат дека го заслуживме вашиот глас и повторно да им се даде довербата на оие кои внесуваат свежина и квалитет на политичката сцена, истакна кандидатот за пратеник Анита Кипаризоска- Крстеска.


– Тргнуваме во уште една нова победа на ВМРО- ДПМНЕ, единствената партија која излезе со отчет за сработеното во изминатите години и единствената политичка опција која раководеше преку проекти, а не со демагогија, рече кандидатот за пратеник, Хари Шокароски.

Александар Николоски потенцира дека на предвремените избори ВМРО- ДПМНЕ очекува да освои најмалку 63 пратенички места, а во Охрид најмалку 18. 000 гласа.– Знам дека 5- ти јуни овде ќе ја славиме победата, затоа што со чист образ ја бараме довербата за наредните 4 години со цел да ги реализираме ветените проекти. Останавме без ниедна корупциска афера, и понатаму блиски до луѓето. За  Охрид направивме многу, а со новата програма ќе направиме уште повеќе, рече Николоски.

OhridNews