Задоволни сме од спроведувањето на една од најмирните и најдостоинствени кампањи во Охрид, истакна на денешната прес конференција потпретседателот на Изборниот штаб на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски.

– Како општински изборен штаб не употребивме ниту еден негативен елемент во кампањата, ниту една форма на деградација и навреда. Напротив, изведовме максимално позитивна кампања, во која ја објаснавме програмата на ВМРО- ДПМНЕ пред граѓаните. Единствено жалиме што не успеавме да стигнеме до секој наш граѓанин и да поразговараме, но тоа за 20 дена беше физички невозможно, рече Паноски.


Се обратија и тројцата кандидати за пратеници кои ги повикаа граѓаните на 5- јуни достоинствено да излезат и да го дадат својот глас за оние на кои им веруваат.

– Нашата платформа е народна, работиме за народот затоа што тој наградува, казнува и простува, но не заборава. Прифаќа убави работи, но занае кога е излажан. Кампањата ќе биде запаметена по програми, убави зборови, но и по ширењето на говорот на омразата од страна на опозицијата , што е одлика на губитници. Тоа народот го гледа. Нема да зборувам за се она што го направивме, сигурна сум дека вие- граѓаните тоа го гледате и се уверивте дека ВМРО- ДПМНЕ не дава празни ветувања, туку остварува, рече кандидатот за пратеник Анита Кипаризоска- Крстеска.

– На 20 годишнината од независноста на РМ дојдовме до последната, голема политичка битка со транзицијата и транзиционите манипуланти од СДСМ и некои помали партии. Овие избори се референдум, на кој граѓаните ќе го кажат референдумското ДА за ВМРО- ДПМНЕ и просперитетна Македонија,истакна кандидатот за пратеник, Хари Шокароски.

Александар Николоски нагласи дека победата на 5- јуни за ВМРО- ДПМНЕ е сигурна.

– Во Охрид во изминатите години направивме многу досега невидени проекти, останува да направиме уште многу. Ги повикам сите да излезат и да гласаат, како најдобар начин да го искажат своето мислење и да му дадат четиригодишен мандат на оној кој сметаат дека најдобро ќе ги претставува, рече Николоски.   

OhridNews