И оваа година согледуваме дека туристичката сезона во Охрид е со се помал интензитет. И оваа година согледуваме како градоначалникот Александар Петрески и локалната самоуправа не преземаат мерки за подобрување на квалитетот на туристичката и угостителската дејност. Жртвата од ваквиот нивен игнорантски став кон промоција и подобрување на квалитетот на туристичката сезона  не се само граѓаните на Охрид, туку и сите домашни и странски туристи кои доаѓаат да го посетат нашиот град, велат од општинската ВМРО- ДПМНЕ.


–    Дали на овој градоначалникот поважни му се тесните бизнис интереси и лажните ветувања за кои Охриѓани чекаат ни повеќе ни помалку туку цели осум години, а не добија ништо. Освен што не може да ги исполне своите ветувања Александар Петрески и неговиот тим останаа неми кон барањата на своите сограѓани – станоиздавачи,  за подобрување на условите кон туристите кои доаѓаат да го посетат нашиот град во оваа сезона. Прескапите паркинг простори, промената на собраќајниот режим со кој се создаде собраќаен хаос, поставување на чудни и до сега во сообраќајот невидени реквизити како бетонски кугли кои служат за потсмев, дозвола за поставување на тезги низ главното шеталиште на Охрид со кој туристичкиот центар го претвори во панаѓури сл..допринесоа само Охрид и во оваа сезона да го изгуби сјајот со кој беше претпознатлив и привлечен за голем број на домашни и странски туристи, истакна на денешната прес- конференција портпаролот на ОК на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Митровиќ.

Тој уште еднаш потсети на состојбата по неодамнешниот пороен дожд кој го зафати Охрид, кој како што рече Митровиќ, на виделина ги произнесе сите недостатоци во водоводната и канализационата мрежа со кој се соочува градот Охрид. 

–    За овие недостатоци сведоци беа и туристите во Охрид, а од друга страна од градоначалникот не видовме ниту  тронка грижа за сите оние кои беа зафатени со ова невреме, а не видовме ни дека Петрески во изминативе години направил нешто за подобрување и санација на целокупната мрежа за водовод и канализација на Охрид, додаде портпаролот на општинската ВМРО- ДПМНЕ.

OhridNews