Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа протест Охрод, Скопје и во уште девет градови низ земјава, на кој побара увид во документот од преговорите со Бугарија. На протестот беше истакнато дека македонскиот идентитет, јазик и историја се поважни од се.

Блокираме поради една причина да кренеме свест да го кренеме својот глас за тоа што се случува во позадина, за тоа што Заев и Бучковски го договараат и преговараат, а македонската јавност не знае ништо за тоа, беше истакнато на протестите.

Беше нагласено дека се собираат на улиците со цел да го кренат гласот, за да се покаже „што стои на маса“, односно дали се преговара повторно за македонскиот идентитет, за нацијата, за културата за јазикот.

ВМРО ДПМНЕ најави дека ќе излегуваат на протести и во следните денови, порачувајќи дека очекуваат власта да каже дали во нивната дипломатска мисија повторно се става идентитетот, јазикот културата на маса.

Со Бугарија разговараме за патоказот, при што се водат разговори на секторско ниво за изградба на железниците, патиштата, Коридорот 8 и конекцијата меѓу двете земји, соработката помеѓу министерствата за култура, за образовани и наука, за труд и социјална политика и за здравство, како и помеѓу агенциите за млади и спорт и националните радиодифузни сервиси, изјави  премиерот Зоран Заев.

Тој потенцира дека предлог на Португалија, која е актуелен претседавач со ЕУ, за надминување на разликите со Софија е доставен до нас, до бугарската страна, како и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски апсолутно знае дека предлогот е одличен и е појдовна основа за постигање на решението. И сега да продуцирате вака протести со 15 возила и 20 луѓе, 13 возила и 14 луѓе, не знам, 24 возила, ги следам извештаите кои излегуваат сега на медиумите, и 45 луѓе, е тоа се протестите само за да се блокира сообраќајот низ градовите и е порака која што никако не можам да ја разберам, додаде премиерот.

Според него, ваквиот став на опозицијата веројатно е поради стравот дека постои можност земјава да направи исчекор кон ЕУ и кон евроинтеграциите и конечно да ја одржиме првата меѓувладина конференција.