Од ДУИ во моментов зависи каква ќе биде идната македонска влада и предупредија на нарушувањето на востановениот принцип „победник со победник“, односни партите од двете етнички заедници со освоени најмногу мандати во парламентот, порачаа од раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од лидерот Никола Груевски, на средбата со британскиот државен министер за Европа и Америка, Алан Данкан и амбасадорот на Велика Британија во Република Македонија, Чарлс Гарет. Tие пак порачаа дека од британска страна нема мешање во формирањето на владата, и оти тоа е работа на самите партии, пренесува „Макфакс“.

На средбата одржана вчера, на која покрај Груевски присуствувале и членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Никола Попоски и секретарот на ВМРО-ДПМНЕ за меѓународна соработка Александар Николоски, било разговарано за актуелните политички случувања и чекорите кои би се преземале во иднина.

Од ВМРО-ДПМНЕ во однос на актуелната ситуација било стакнато дека во Македонија има политичка криза која требаше да се разреши со избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ победи со 51 пратеник, а опонентот СДСМ имаше 49 пратеници, се наведува во соопштението на партијата по средбата со Данкан и Гарет кои претходно се сретнаа со социјалдемократите предводени од заменикот претседателка Радмила Шекеринска.

„Бидејќи сме мултиетничка земја има едно правило коешто во минатото албанските партии бараа да биде и закон, а не само принцип. ВМРО-ДПМНЕ тогаш посочи дека е подобро да остане само на ниво на принцип, бидејќи ќе беше многу невообичаено да се преточи во закон, а станува збор за правилото победникот кај македонските гласачи да мора секогаш да коалицира со победникот кај албанските гласачи. На тоа највеќе апелираше и инсистираше токму партијата ДУИ. На оваа тема имаа многу интервјуа и прес-конференции, особено што и меѓународната заедница не’ советуваше тоа да го прифатиме како принцип. Сите тогаш посочуваа дека сме мултиетничка земја, дека не треба да гледаме како е во другите држави бидејќи кај нас е специфично, и ВМРО-ДПМНЕ тоа го прифати и применуваше се додека зависеше од нас. Самиот претседател на ДУИ тврдеше дека ако не се земе најголемата партија кај Албанците во власта ќе има дефакторизација на Албанците во државата и газење на нивната волја. Сега за прв пат дојде обратна ситуација, сега од ДУИ зависи каква ќе биде идната влада“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.

Британскиот државен министер Данкан запрашал кој е статусот на правилото за коалицирање на победничката партија кај Македонците со победничката партија кај Албанците, на што од ВМРО-ДПМНЕ одговориле дека се тежнее очигледно на тоа статусот кој досега важеше, отсега да не важи, како и дека доколку се случи тоа во земјата ќе има „дефакторизација на Македонците и нивна мајоризација, газење на волјата на мнозинството Македонци и се обратно за што ДУИ досега се залагаше“.

Од ВМРО-ДПМНЕ додадваат и дека доколку сега се случи прекршување на принципот, истиот во иднина никогаш повеќе нема да важи, бидејќи победникот повеќе би добил во коалиционите разговори од вториот или третиот по ред поголем партнер, отколку што би добил од најголемиот партнер за разговори.

Во однос на можните последици од прекршување на овој принцип од ВМРО-ДПМНЕ нагласиле дека можни се тензии и притисоци од членството.

„Ние сме под голем притисок на нашите гласачи и нашето членство да се бориме и да не го дозволиме нарушувањето на тој принцип, затоа што во основа ние правично постапуваме цело време и сега некој друг не постапува правично кон нас“, појаснија од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерот Данкан прашал и што ќе се случи ако ДУИ решат да одат со СДСМ и со другите помали албански партии, дали тоа ќе е нелегитимна влада, на што од ВМРО-ДПМНЕ било посочено дека во маеоднското општество на тоа се гледа како на нелегитимна влада, поради нарушениот принцип „победник со победник“, а посебно проблематично е што ДУИ преку ова коалицирање сака да издејствува неуставен закон за употреба на албанскиот јазик.

„Ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги задржиме мирот и стабилноста, но не знаеме како ќе се одвиваат работите. Ќе има тензија, луѓето се вознемирени, тоа е главната тема во нашата држава. Македонците поради тоа се длабоко фрустирани особено што ова се прави поради неуставен закон за двојазичност на целата територија. Не сме убедени и дека една таква влада може да ги постигне тие цели во една таква атмосфера. Затоа предложивме дека е добро да се направат нови парламентарни избори“, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

Амбасадорот Гарет се интересирал за тоа коај би била реакцијата доколку ВМРО-ДПМНЕ не направи влада со ДУИ, односно кои се следните чекори и дејства на партијата со цел да ја изрази волјата на своите избирачи, на што од ВМРО-ДПМНЕ посочиле дека за тоа ќе информираат кога ќе се донесе одлука за тоа, како и дека има долга листа на чекори, но што од тоа би одбрале не би можело да биде соопштено во овој момент.

ОhridNews