Павле Богоевски мора да си поднесе оставка како пратеник и тоа веднаш. Тоа е најмалку што може да стори од морални причини. Само на тој начин Богоевски ќе докаже дека има намера да остави истрагата против него да се одвива непристрасно и без влијанија, изјави Дафина Стојаноска од ВМРО ДПМНЕ, на прес конференција што се одржа пред Собранието, каде активисти на опозициската партија оставија метла, како симбол за најавената чистка, за која сметаат дека треба да го зафати и парламентот.

Павле Богоевски веќе нема кредибилитет да ги претставува граѓаните во законодавниот дом. Постојат сериозни сомненија дека конзумира наркотици и можно е одлуките кои ги носи да се под влијание на недозволени супстанци. Павле Богоевски со своето однесување сериозно го нарушува и кредибилитетот на Собранието. Богоевски призна дека извршил кривично дело, купувајќи недозволени супстанци. На снимка која излезе на интернет се слуша Богоевски, кој како што пишуваат медиумите нарачува половина грам кокаин. Дали набавувал кокаин или нешто друго, не ја менува суштината. Богоевски извршил кривично дело и беше откриен преку свиркач.– рече Стојаноска.

Според Стојаноска, срамен е обидот Богоевски да прави притисок околу документирањето и обелоденувањето на неговите незаконски активности. Доколку се залага за правда и правна држава треба да каже од кого набавувал нелегални супстанци и дали препродавал. Треба да каже дали конзумира тешки или лесни дроги и дали овозможува и други лица да конзумираат наркотици. Треба да приложи листинг од телефонот за да се проверат детално сите комуникации, додаде таа.

Во гостувањето на дебатата „Click Plus“ на ТВ21, синоќа, портпаролот на СДСМ  Костадин Костадинов рече дека Богоевски не користи наркотични средства. Тој истакна дека од она што го слушнал од колегата, не станува збор за наркотични сретства и не станува збор за дрога.

Надлежните институции треба да го истражат случајот, мора да видиме кој го објавил разговорот сепак тоа е нарушување на приватноста. Јавно повикувам до крај да се истражи работата, тој сам отишол да се пријави во полиција за да каже дека се работи за масло од канабис и да докаже дека не користи никакви супстанци, рече на дебатата Костадинов.

Како што е познато, пред два дена од профил со псевдоним Илија Громовник на руската мрежа vk.com  беше поставен аудио запис во кој се слуша како пратеникот Павле Богоевски нарачува нешто за 2.500 денари, за кое авторот тврди дека е кокаин, што предизвика лавина реакции во јавноста. Пратеникот Богоевски ги демантира таквите обвинувања и во полиција пријави дека бил неовластено сниман од таксист кој не го познава, како и дека станува збор за набавка на масло од канабис за медицински потреби. Тој е претседател на Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, и смета дека случајот е поврзан со неговото работење во комисијата која деновиве е актуелна со случајот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груеевски, кој е во бегство.

OhridNews