Не престануваат политичките препукувања околу изградбата на автопатот Охрид – Кичево, која е речиси запрена поради сериозни проблеми околу изведбата. ВМРО ДПМНЕ денеска одржа нова прес конференција на дел од делницата од автопатот во изградба од каде побара одговори и одговорност од владата предводена од СДСМ за запрените градежни активности.

–ВМРО-ДПМНЕ напоменува дека изградбата на автопатот не смее да биде проблематизирана и опструирана, таа мора веднаш да продолжи, автопатот е важен за Република Македонија и за целиот регион бидејќи со него се подобрува поврзаноста долж европскиот коридор 8 од Бари, во Италија , преку Република Албанија и Република Македонија до Бургас во Бугарија, со него ќе се зголеми проточноста и ќе се допринесе за забрзан економски развој на целата држава, а особено на нашиот регион. Срамно е и безобразно е ова однесување на СДС, тие во текот на изборната кампања ветуваа 600 километри автопат и 550 километри магистрални патишта, за сега да гледаме дека не се способни да ги довршат автопатите кои ВМРО-ДПМНЕ ги започна и кои се во напредна фаза на реализација, а не пак да градат нови. СДС имаат одговорност да ги реализираат ветувањата кои им ги дадоа на граѓаните, а тие наместо со работа и проекти се занимаваат со политикантство и млатење празна слама. Доколку не се способни и неможат да се сносат со обврските и одговорноста кои ги побарува управувањето со државата и за граѓаните и за нив е подобро ако си поднесат оставка , зошто само така ќе овозможат Република Македонија да оди напред. – рече пратеникот на ВНРО ДПМНЕ од Охрид Љубен Арнаудов.

На прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ не се спомна ништо околу проблемите со изградбата на автопатот, пробиените рокови, неисплатените работници, нерешените имотно правни односи, поместувањето на трасата и косината на земјиштето, наведени во извештајот на Агенцијата за државни патишта која ја обелодени новиот министер за транспорт и врски Сугарески токму во Охрид. Според првичните проценки на новата влада финансиската конструкција за изградба на автопатот е пробиена за најмалку 100 милиони евра. Во тек е стручна проценка на целокупниот проект која треба да ги лоцира сите проблеми, врз основа на што ќе се бараат решенија за одблокирање на застојот на работите на автопатот.

-Навистина има проблеми кои се посочени и во извештајот од Агенцијата за државни патишта. Најголем дел се однесуваат на проектната документација која не соодветствува со реалноста која е на терен, имаме нестабилност на косините, имаме сериозна бројка на електро – енергетски објекти кои треба да се дислоцираат, имаме проблеми со експропријација. Правиме се што е во наша моќ дел од овие проблеми да отстраниме да се одблокира застојот во изградбата на автопатот се со цел колку толку да ги запазиме роковите, имајќи предвид дека рокот за изградба на автопатот Миладиновци – Штип истече на први мај. Граѓаните одвоиле огромни суми на пари, а интерес за овие случаи пројави и СЈО. Ние како влада презедовме обврска автопатите Охрид – Кичево и Милафиновци – Штип, како и Смоквица – Демир Капија ги завршиме до крај и тоа ќе биде така. – изјави неодамна во Охрид министерот Сугарески.

Во меѓувреме започна главната туристика сезона во Охрид, а туристите кои со автомобили или автобуси ќе доаѓаат, ќе мора да бидат внимателни на делницата од Кичево кон Охрид. Старата магистрала која според првичните најави требаше да остане, на неколку места е прекината и вклопена во идниот автопат. Речиси по целата должина на оваа делница поставена е сигнализација, но граѓаните сметаат дека тоа не е доволно и се загрижени за безбедноста, на што укажуваат и резултатите од анкетата која за сопствени потреби изминатиот период ја спроведе OhridNews.

Изведувач на автопатот е кинеската компанија „Синохидро“ со подизведувачи од Македонија, а средствата се обезбедени со кредит од Кина. Првичната проценка беше дека автопатот во должина од 57 километри од Охрид до Кичево ќе чини 374 милиони евра.

OhridNews