Македонија после самитот на НАТО во Чикаго на кој не се очекува да биде примена во алијансата, ќе мора да се насочи кон изнаоѓање економски  и политички алтернативи, но пред се ќе мора сериозно да се позанимава со внатрешните безбедносни прашања  кои повторно се актуелизираат по неодамнешниот немил настан кај Смилковското Езеро, кој покрена лавина реакции, но и протести и поделби по етничка и верска основа. Ова меѓу другото го истакнаа учесниците на панел дискусијата на Балканскиот форум за безбедност посветена на регионалните предизвици по самитот на НАТО во Чикаго, што денеска се одржа во Охрид.

– Опасности и ризици по безбедноста на Македонија од надвор не постојат, предизвиците се внатре на микролокациско ниво и земјата треба да најде сопствени сили да ги разреши тие проблеми бидејќи членството во НАТО не подразбира решавање на внатрешни проблеми во било која земја, истакна Благоја Марковски – претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Благоја Марковски
Професорката Билјана Ванковска, смета дека безбедносната состојбата во земјата не е за потценување, но не треба и да се предраматизира, затоа што тоа им одговара на круговите кои стојат зад петкратното убиство чија цел е да се дестабилизира земјата. Таа изрази загриженост од агресивноста и говорот на омраза што го демонстрираат младите на протестите организирани преку социјалните мрежи, што според неа упатува на тоа дека институциите на системот целосно потфрлиле.
-Тука претстои широк фронт на работа каде заеднички треба да се прашаме каде потфрламе, каде е нашиот вредносен систем, што тие деца добиваат како порака, од каде толкава омраза и по етничка линија и што особено загрижува сега е покренувањето на некаква верска агенда. Нашите фрустрации како возрасни особено произлезено од социоекономските проблеми, а и од политичката нетрпеливост која владее во Македонија им ги пренесуваме на нашите деца, рече проф. Ванковска.

Проф. Билјана Ванковска
Најголема одгововорност според експертите сносат партиите на власт кои наместо да ги поттикнуваат интегративните процеси испраќаат спротивни сигнали до јавноста.
-Вмро-вците организираат свој состанок, другите партиципиенти во власта свој, ама никако меѓусебно да се сретнат или да учествуваат на заеднички промоции, прослави итн. Ние внатре треба да се интегрираме. Бараме НАТО, па како НАТО кога внатре сме дезинтегрирани, вели пензионираниот генерал потполковник Зехедин Туши.

Експертите веруваат дека македонското општество има капацитет да ги надмине внатрешните безбедносни ризици, но дека е потребна стратегија како и кон кои алтернативи да се насочи земјата во периодот додека чека на прием во НАТО и ЕУ.
Горан Момироски