Студено време не очекува на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Според најавите температурата на водата ќе биде 6.5 степени Целзиусови, а на воздухот – 3 степени. Оттаму на капачите кои ќе скокаат по крстот во осветените езерски води им се препорачува крајна внимателност.
Во пресрет на празникот Црвениот крст – Охрид излезе со корисни препораки до капачите.
На платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да скокаат по крстот. Се препорачува капачите да ја проверат својата здравствена состојба и да се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 6.5 степени Целзиусови.
Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода, распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 5 нуркачки тимови, како и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила. Под надзор на спасители и медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе бидат и скокачите по крстот во с. Пештани и во Св.Наум.
OhridNews













