Во пресрет на новогодишната ноќ, Министерството за внатрешни работи, најави дека ќе преземе засилени мерки за одржување на јавниот ред и мир и на безбедноста во сообраќајот, со цел граѓаните претстојните празници да ги минат што побезбедно.

– Полициските службеници ќе имаат редовни дежурства и зголемено присуство на плоштадите и местата каде што масовно ќе се прославува. Засилено присуство ќе има и од страна на полициските службеници задолжени да се грижат за безбедноста во патниот сообраќај. Со зголемен капацитет ќе се работи и во Дежурниот Центар за состојби така што граѓаните во секој момент ќе може да побараат и добијат помош на телефонскиот број 192, информираат од МВР.
Сепак, велат од министерството, далеку поважно е воопшто да не се создадат услови за интервенција на полицијата или истите навремено да се спречат.

Оттаму, МВР апелира до сите граѓани за максимална воздржаност од прекумерната употреба на алкохол, избегнување на употреба на петарди, ракети и други пиротехнички средства, не само поради законските санкции, туку пред се поради опасноста по здравјето и безбедноста на граѓаните, како и материјалните штети кои може да бидат предизвикани. МВР најригорозно ќе санкционира каква било употреба на огнено оружје и апелира граѓаните да избегнуваат ваков начин на прослава поради опасноста прославите да се претворат во индивидуални трагедии.

Со оглед на тоа дека овие денови се очекува масовна раздвиженост на сите категории учесници во патниот сообраќај, со можни застои и пореметувања на сообраќајните токови, на возачите им се препорачува да бидат трпеливи и толерантни, да не претекнуваат ако за тоа не постојат безбедни услови, и особено да не управуваат со возилата кога се под дејство на алкохол, заморени или пак во лоша психофизичка состојба. Исто така апелираме до возачите пред да тргнат на пат да извршат преглед на техничката исправност и зимската опрема на возилата.
 
Министерството за внатрешни работи на сите граѓани им ги честита престојните празници со желби за здравје и успех во наредната година.

Ohridnews