Во текот на 2008 година граѓаните со 44 претставки укажале на можната корупција во судската практика, а министерството за правда овие претставки ги препратило на надлежност и постапување на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Поплаки од граѓаните до Министерството за правда имало и во однос на незаконитото постапување на нотарите и извршителите и притоа во текот изминатава година примени се вкупно 134 претставки.

Министерот за правда, Михајло Маневски ја оценува работата на судството во 2008-ма како мошне успешна. Според него, судовите во Македонија првпат лани го совладале приливот на нови предмети во споредба со минатите години.Министерот смета дека првпат по 17 години е намален приливот на нови предмети во судовите за околу 30 проценти,а тоа, според него се должи на  поефикасното функционирање на правните механизми, на почитувањето на правните норми и на извршувањето на правата согласно законите.

Оценувајќи ја работата на Министерството за правда за успешна, Маневски смета дека во изминативе една до две години донесени се околу 70-тина закони кои се однесуваат од областа на судството и управата.

Во министерството за правда размислуваат во наредниот период за укинување на судовите во населени места каде има под 15.000 жители, што како забелешка го посочиле странските експерти.

Во 2008 година во судовите примени се вкупно 546.254 нови предмети, односно за 229.670 помалку во споредба со 2007 година.

До крајот на 2009 година сите судови треба да бидат комплетно ажурни и да ги решаваат тековно предметите, посочуват од министерството за  правда.

Ohridnews