До крајот на оваа година треба да се реши статусот на Студенчишкото блато, рече градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, на прес конференцијата што се одржа денеска во рамки на годишната конференција на европскиот огранок на Друштвото на научници на блатните екосистеми (SWS) што се одржува во Охрид.

-Мораме да го заштитиме последното парче блато во нашиот регион, кое е од големо значење за еко системот на Охридското Езеро, но од друга страна делот кој е веќе загубен треба да има економска и туристичка валоризација. Ние како локална самоуправа си зацртавме до крајот на 2018 година дека треба да се заврши проектот за Студенчишкото блато. По завршување на ревизијата за Студенчишко блато, која е во тек, ќе следи акција за заштита и валоризација на вредностите на блатото. Еко системот мора да биде зачуван и надграден и да се воспостави врската помеѓу блатото и Охридското Езеро, во што ќе ни помогнат научниците. – истакна градоначалникот Јован Стојаноски, упатувајќи благодарност до граѓанската организација Охрид SOS што го издигнала прашањето за Студенчишкото блато на највисоко ниво.

Трајче Талевски, доктор на науки и член на граѓанското движење Охрид SOS, истакна дека во наредниот период останува Охридското Езеро и Студечишко блато да бидат впишат во Рамсар заштитени подрачја.

-Ни останува и будно да ги следиме активностите на централната и локалната власт во врска со препораките на УНЕСКО дадени до Република Македонија и Охрид кои треба во целост да се спроведат. – рече Талевски.

Потпретседателот на Македонскиот Рамсарски комитет и претставник на МЖСПП, Александар Настов, истакна дека Охридското Езеро и Студенчишкото блато неоправдано подолг период се на рамсарската Б листата.

-Сега е вистински момент да ги забрзаме активностите со заеднички напори од меѓународната заедница, рамсарскиот секретаријат и меѓународните невладини асоцијации од областа на заштитата на водните живеалишта. – рече Настов. Тој истакна дека се подготвува досието за Охридското Езеро и Студенчишкото блато кое ќе биде доставено од меѓународниот рамсарски секретаријат.

Професор Јос Верховен, претседател на Европскиот огранок на Светското друштво на научници од областа блатни екосистеми (Society of Wetland Scientists, European Chapter), истакна дека се’ уште не е доцна да се заштити преостанатиот дел од Студенчишко блато.

-Имате скапоцен камен во рацете кој мора да го чувате. Ресурсите што ги поседувате се од големо значење за економскиот развој на градот и регионот. Големи средства може да очекувате од туристите кои ќе доаѓаат тука, но мора да ги зачувате ресурсите. Прв пат во Охрид бев како турист во 1976 година и морам да кажам дека ситуацита е изменета. Во тоа време Студенчишко блато беше поврзано со езерото, денес е одвоено и значително намалено. Но најважните негови делови се уште се тука и доколку не се преземат итни мерки може да го загубиме блатото, односно доколку тоа не се поврзе повторно со Охридското Езеро. –  рече Верховен. Тој истаккна дека е охрабрен од ставовите на локалната и централната власт и најави дека европскиот огранок на Светското друштво на научници од областа блатни екосистеми ќе ги поддржи напорите за прогласување на Студенчишкото блато и Охридското Езеро за Рамсар локалитети.

На Конференцијата што се одржува во просториите на Факултетот за туризам во Охрид, учествуваат околу педесет еминентни експерти за блатни екосистеми од целиот свет со цел да разменат најнови информации за состојбата на блатните екосистеми, да понудат решенија за предизвиците кои современото управување со земјиштетото и урбанизацијата ги наметнува врз нив, за жал запоставени, но сепак суштински делови на нашата животна средина. 

Во текот на Конференцијата ќе бидат презентирани повеќе од 30 трудови за улогата на блатните екосистеми и вредноста која тие ја имаат преку обезбедување на биолошката разновидност и услугите кои ги нудат. Од Конференцијата ќе произлезе Декларацијата за заштита и ревитализација на Студенчишко Блато и Охридското Езеро.

Г.М.