Трошоците на живот во април годинава во споредба со април лани бележат пораст од 0,1 процент, а цените на мало намалување од 0,9 отсто. Во април во однос на март годинава трошоците на живот се зголемиле за 0,4 процент, а цените на мало се намалени за 0,1 отсто, објави Државниот завод за статистика.
 
Порастот на трошоците на животот од 0,4 проценти во април во споредено со март годинава е резултат на повисоките цени на свежиот зеленчук за 3,9 проценти, свежото овошје за 1,3 проценти, сувото овошје за 0,7 проценти, другите печива и полутрајните колбасичарски производи за 0,4 проценти и свежото млеко за 0,3 проценти.
 
Статистиката покажува дека пораст на трошоците на животот е забележан и кај поправките и одржувањето на опремата за сопствен превоз за 3,7 проценти, информатичката опрема за 3,3 проценти, болничките услуги за 3,2 проценти, авионскиот превоз на патници за 2,6 проценти, текстилот за домаќинствата за 2,3 проценти.
 
Кај средствата за чистење и одржување стан трошоците се зголемени за 2 проценти, другите лични предмети за 1,6 проценти, велосипедите за 1,4 проценти, средствата за лична хигиена за 1,3 проценти, обувките за 1,1 процент, облеката и големите електрични апарати за 0,7 проценти, лековите и терапевтските помагала за 0,6 проценти, накитот и часовниците за 0,5 проценти, малите електрични апарати, мотоциклите, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики и исхраната во рестораните и хотелите за 0,4 проценти, цврстите горива и течните горива и мазива за 0,2 проценти.
 
Намалување на трошоците на живот во април во однос на март е забележано кај другите неспомнати прехранбени производи за 1,7 проценти, сувомеснатите производи за 0,6 проценти, замрзнатиот зеленчук за 0,4 проценти и тестенините за 0,3 проценти.
 
Во април, исто така, намалување на трошоците на живот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 9,1 процент, пакет-туристичките аранжмани за 6,6 проценти, течните горива за домаќинствата за 2,8 проценти, градини, цвеќиња за 1,7 проценти и телефонските и факс апарати и услуги за 0,3 проценти, објави Државниот завод за статистика.

OhridNews