На угледниот московски фестивал на фотографијата MIFA – Moscow International Foto Awards – новинарот и публицист од Охрид Стојан Савески за фотомонографија „Ohrid- cultural and spiritual heritage” доби бронзена награда во категоријата на документарни книги.

Оваа година, автори од скоро 90 земји од светот, се натпреваруваа во професионална и аматерска категорија, со трудови во десет области што организаторот ги утврди како значајни од аспект на фотографијата: рекламната индустрија, архитектурата, издаваштвото на книги, уредничка фотографија, фотографии од настани, уметничка фотографија, природа, луѓе, портфолио на еден уметник и наука.

Жирито, што одлучуваше за наградите на годинашниот натпревар, е составено од скоро 40 интернационални професионалци ширум светот од индустријата на фотографијата: уредници, уметнички директори, сопственици на галерии, куратори, издавачи и други влијателни личности од оваа сфера, истакнува новинарот и публицист Стојан Савески.

Бронзата од Москва е значајна за мене како автор на фотомонографијата за Охрид, бидејќи со тоа се потврдува квалитетот на едно дело, а истовремено се промовира и за самиот град, додава Савески.

Фотомонографијата „Ohrid- cultural and spiritual heritage” (2020) е публикувана само на Англиски јазик и истата го претставува културното наследството на древниот Охрид и неговата околина. Книгата содржи 22 најважни културни локалитети распределени во неколку поглавја, илустрирани со 220 фотографии, што го следат текстот. Фотомонографијата е со димензии 210mm х 210mm и обем од 231 страници. Публикацијата има за цел да ја пополни празнината на квалитетни материјали на англиски јазик, кои го претставуваат богатото културно наследство со кое располага Македонија. Печатењето на книгата е поддржано од страна на Министерството за култура и Општина Охрид.

Наградените учесници на московскиот фестивал се претставени во Русија, издаден е електронски каталог кој е достапен на Интернет и социјалните мрежи, а најавено е нивно презентирање во сродни и блиски фестивали, со кои соработува MIFA.

OhridNews