Инспекциски тимови во наредниот период од десетина дена, координирано ќе вршат надзор врз спроведувањето на угостителските објекти, коишто првенствено ќе имаат едукативна и информативна функција, односно запознавање на угостителите со протоколите во детали, најави претседателката на Инспекцискиот Совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција.
Во овие тимови ќе има инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а новина е што тимовите се засилуваат и со контролори од Управата за јавни приходи, со што ќе имаме координиран и сеопфатен пристап при посетата на угостителските локали. – посочи Филиповска-Грашкоска.

Инспекторските тимови ќе бидат насекаде за да го контролираат спроведувањето на протоколите и да укажат на неправилности, за да истите се надминат. Сепак, треба да разбереме, дека се работи за сите нас. Повикувам на свесност и совесност, тоа е нашиот клуч за функционирање во новата нормалност. – нагласи претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.
OhridNews
					



							






