Топлотен бран од прва, односно жолта фаза утре ќе ја зафати територијата на целата држава, соопшти Министерството за здравство.

Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, температурите на места во Македонија ќе достигнат до +40 степени Целзиусови, додека во Охрид Максималната дневна температура ќе достигне до 34 степени, а УВ индексот ќе изнесува 8.

Министерството информира дека остануваат да важат општите препораки за заштита на здравјето на населението од високите температури. Во текот на ваквите екстремно топли денови, да се остане во затворени и климатизирани простории, да се избегнува престој на отворен простор во најтоплиот период од денот, да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. При сончање да се користи крема со висок заштитен фактор, да се внесуваат повеќе течности, пред се вода, да се избегнува алкохол и тешка храна.

Поради високите темепратури зголемена е можноста за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, поради што се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи пред нивната употреба, а храната термички да се подготовува, додека мајонези, кремови и друга лесно расиплива храна да се избегнува.

OhridNews