Народната банка на Република Македонија во соработка со Централната банка на Холандија, во Охрид ја организира Единаесеттата конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“. Конференцијата ќе започне утре и ќе трае до 8 јуни 2018 година.
На Конференцијата, којашто традиционално има меѓународен карактер, предавачи се високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка. Воедно, оваа година потврдено е учеството на претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, што недвосмислено го потврдува високиот квалитет и препознатливоста на оваа конференција во меѓународни рамки, информира НБРМ.
Конференцијата ќе опфати теми коишто, меѓу другото, ќе се однесуваат на новите дигитални технологии за плаќање развиени од секторот Финтек, безбедноста во дигиталната трансформација, глобалните трендови во финансирањето на трговијата, како и новата регулатива во платежната област во Европската Унија. За време на Конференцијата ќе биде одржана панел-дискусија на која истакнати експерти од платните системи, секторот Финтек и претставници од платежните институции ќе дискутираат за трансформативната моќ на дигиталните плаќања и предизвиците во плаќањата во интегрираниот свет.
Одржувањето на оваа конференција носи големи придобивки за платежната индустрија во домашната економија. Следењето на светските новини во оваа област треба да придонесе кон повисок степен на развој на платежните услуги, кон зголемување на нивната ефикасност и намалување на трошокот за нивно извршување, велат од НБРМ.
OhridNews












