Во Охрид до 2012 година се предвидува да се изградат спомен – обележја за светите Климент и Наум, Григор Прличев, Живко Чинго, Христо Узунов, цар Самуил и паднатите борци во НОБ во с.Пештани.

За одбележување на нивното свето дело и нивните пресветли ликови, се предвидува во текот на првата половина од 2007 година да биде изграден заеднички споменик на светите Климент и Наум Охридски, на кој ќе бидат претставени нивните ликови и лик на ангел во средината. Се планира овој монументален споменик  да биде подигнат на „островот“ пред хотелот Палас.
 
Како најзначајна личност од периодот на македонската преродба, се планира во стариот дел од градот, во близина на неговата родна куќа, изградба на монументален споменик за Григор Прличев, кој би го симболизирал универзалното и трајно значење на неповторливиот поетски опус на Прличев и би претставувал инспирација и поттик за сегашните и идните генерации.
 
По повод  20 години од смртта на родокрајниот автор Живко Чинго се планира токму оваа година,  да се изгради споменик во централното градско подрачје, а локацијата и димензиите дополнително ќе бидат одрдени.

Споменикот на големиот револуционер Христо Узунов се планира да биде изграден во стариот дел од градот, во непосредна близина на неговата родна куќа, а би ја симболизирал вековната борба и хероизмот на сите оние кои своите животи ги вплотија во реализацијата на идејата за самостојна Македонија.
 
Споменикот ќе добие и  Цар самуил, создавачот на првата македонска држава (976-1014) со престолнина прво во Преспа, а потоа во Охрид. Како можни локации за изградба на споменикот на цар Самуил се градскиот плоштад, стариот дел на градот и тврдината.

Споменикот на паднатите борци во НОБ кој според предлагачот ќе ја симболизира љубовта кон татковината, ќе биде поставен во с.Пештани и во согласност со доставениот Идеен проект од НУ Завод  за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

Овој споменик ќе се гради со финансиски средства од Месната заедница, а останатите споменици се планира да бидат изградени со средства од донации и од буџетот на Општина Охрид.

Изградбата на шесте нови спомен обележја е предвидена во Програмата за одбележување на значајни настани и истакнати личности за периодот 2007-2012 година, која денеска не помина во Советот. Поради бројни забелешки на советниците, оваа точка беше повлечена од дневен ред.

Г. Момироски