Со свечена церемонија, денес, беше отворен конзулат на Република Унгарија во Охрид. Функцијата почесен конзул ќе ја врши Маријан Бојаџиев, кој на свеченоста беше инаугуриран од страна на државниот министер за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Република Унгарија, Иштван Иѓарто.

Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, отворањето на конзулатот ќе значи дополнително продлабочување на добрите и пријателски односи на двете земји.

– Македонија и Унгарија споделуваат одлични економски и политички релации и културна соработка. Знам дека назначувањето на Маријан Бојаџиев за почесен конзул на Унгарија ќе значи унапредување на оваа соработка на едно многу повисоко ниво, рече градоначалникот Бакрачески.

На свечената церемонија присутните ги поздрави и заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија, Илија Исајловски.

– Во изминатите 20 години, благодарение на заедничките напори и посветеност на двете страни, со Унгарија изградивме цврсти пријателски односи, воспоставивме партнерска соработка во повеќе области и негуваме континуиран, мошне активен и квалитетен политички дијалог кој е особено изразен меѓу министрите за надворешни работи, рече заменик министерот Исајловски.

Претставниците на унгарската амбасада нагласија дека успешните односи продолжуваат и дека можност за одлична соработка особено се гледа на полето на туризмот, енергетиката, водостопанството, екологијата и земјоделството.  

По официјалните обраќања, присутните гости имаа можност да го проследат настапот на учениците од музичкото училиште „Методи Патче“.

OhridNews