Министерствто за локална самоуправа и Заедницата на единиците на локална самоуправа-ЗЕЛС,  во Охрид потпишаа меморандум за формирање комисија за меѓуопштинска соработка, којашто ќе поттикне изработка на нов закон за меѓуопштинска соработка.

„Во децентрализацијата општините не стартуваа од иста позиција. Некои имаат поголеми можности за развој, некои помали, но, ако ги здружиме силите ќе можеме да направиме многу поконкурентни проекти коишто ќе можат да се валоризираат преку ИПА фондовите“, изјави министерот за локална самоуправа Зоран Коњановски.


Зоран Коњановски и Коце Трајановски

Според потпретседателот на ЗЕЛС Коце Трајановски, законот за меѓуопштинска соработка, заедно со законот за рамномерен развој што треба да биде донесен во јуни, ќе овозможи порационално искористување на општинските капацитети и ресурси.

Комисијата што сега се формира ќе направи анализа на досегашната соработка помеѓу општините, ќе ја поттикнува нивната идна соработка и ќе арбитрира во случај на некои недоразбирања помеѓу општините.

На потпишувањето на Меморандумот не присуствуваа градоначалниците од ДУИ.

Г. Момироски