Во Лапидариумот при Музеј куќата на Робевци, синоќа беше промовирана научната студија „Балканскиот етнички феникс (Историско-етнографски аспекти за заедницата на Балканските Еѓипќани)“ од д-р Рубин Земон, во издание на издавачката куќа „Авант прес”.

Трудот е едно од ретките четива со кои во македонската социјална мисла сериозно и интегрално се актуелизира, истражува и се продлабочува знаењето за етничката структура на македонското општество, истакна на промоцијата проф. д-р Ѓорѓи Тоновски, еден од промоторите на книгата.

Тој, не само што ќе ги збогати нашите сознанија за оваа проблематика, туку може да послужи и како провокација за нови истражувања и на евентуални други делови од недоволно истражената етничка структура на балканските општества, вклучувајќи го и македонското. – рече професорот Тоновски.

Според проф. д-р Зоранчо Малинов, научната мисла не само во нашата држава, туку и пошироко, преку овој труд на Земон ќе биде запознаена со заедницата на Балканските Еѓипќани која за многумина претставува извесна енигма.

Имено, децениските напори на авторот за поширока афирмација на заедницата на Балканските Египќани на којашто и самиот припаѓа очигледно вродуваат со плод, а најдобар доказ за сето тоа се и официјалните признанија на реалноста во врска со оваа заедница што доаѓаат од разните балкански држави (Косово, Албанија, Србија, Македонија) на полето на општествено – политичкиот живот. – додаде  професорот Малинов, исто така промотор на книгата.

Рубин Земон е етноло, односно социо-културален антрополог. Докторирал на Етнографскиот институт со музеј при Бугарската Академија на науките во Софија, Република Бугарија, во 2005 година. Бил научен соработник во Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро – Балкан“ во Скопје, универзитетски професор при Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Во 2016 година е назначен за директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро – Балкан“ во Скопје. На повеќе наврати е ангажиран како експерт/консултант од страна Советот на Европа, како и ОБСЕ/ОДИХР за различни мисии, проекти и проблематики поврзани со националните малцинства и мултикултурализмот, во разни држави на Европа, особено во земјите на Југо-источна Европа.

Позната е неговата активност и во граѓанскиот сектор во земјата и странство како претседател на Сојузот на балканските Египќани, член на претседателството на Македонското етнолошко друштво, член на претседателството на Мрежата за мултикултурно општество и др.

Од 2013 година ја иницира и секоја година успешно ја организира како претседател на Програмскиот комитет на годишната Меѓународната конференција за културно наследство, туризам и медиуми, што веќе традиционално се одржува во Охрид за време на празнувањата на Водици, на која учествуваат околу 100-тина научници и стручни лица од земјата и странство.

Во 2018 година е назначен за посебен советник на претседателот на Владата за развој на мултикултурното општество, интеркултурализамот и интер-културните комуникации. Од таа позиција ја иницираше и почетно ја водеше подготовката на владината Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот, која всушност е и прва ваква државна стратегија за интеркутурализам во Европа.

Во јануари 2019 година Рубин Земон беше избран за пратеник во Собранието.

Г.М.