Во пресрет на летната туристичка сезона, градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, одржа координативна средба со претставници на општинската администрација, јавните претпријатија, инспекциските служби, полицијата и противпожарната единица, со цел навремена подготовка за периодот кога градот бележи најголем број посетители.

При тоа било посочено дека во тек е постапка за поставување нова сообраќајна сигнализација и семафори на две локации во градот, а полицијата како најкритични сообраќајни точки ги посочила раскрсницата кај улиците „Ристо Крле“ и „Боро Калајџиески“, излезот од градот кон Велешта и улицата „Партизанска“.
Како долгорочно решение беше претставен проектот за нова сообраќајница што ќе ја поврзе Струга со Моровишта и околните населени места. Ќе бидат затворени нелегалните влезови и излези за моторни возила во плажните зони, во соработка со ЈП „Еко“. Ќе се преземат мерки против нелегалните пазари и нерегистрираните продажни места. Работното време на кафулињата и рестораните ќе биде разгледано на следната седница на Советот на Општина Струга, велат од Општината.
Општината најавува флексибилен пристап со цел поддршка на туристичкиот и угостителскиот сектор.
Ќе се анализира можноста за набавка на помодерна опрема за регулирање на сообраќајот и отстранување на непрописно паркирани возила. Ќе се разгледа поставување заштитни бариери на најоптоварените тротоари во близина на плажите, со цел спречување на непрописно паркирање. Проектот за изградба на прифатилиште за бездомни кучиња е во завршна фаза, посочуваат.
Во однос на питачењето, била побарана засилена координација со полицијата за спречување на организирани групи кои во текот на летната сезона доаѓаат во Струга.
OhridNews












