Со турнир во одбојка и хуманитарна забава Црвениот крст од Охрид, Сојузот за училишни спортови и јавното претпријатие  “Билјанини Извори” утре и задутре ќе го одбележат роденденот на големиот хуманист Тоше Проески.

“Младите се одлучија за одбојката зашто тој беше омилен спорт на нашиот Тоше”, рече Анета Јованоска, активистка на Црвениот крст.

Турнирот во одбојка ќе започне утре во 11 часот во спортската сала “Билјанини Извори” а ќе се натпреваруваат  7 екипи од основните и три од средните училишта.

” Првпат спортската сала има конструкција за одбојка која ќе ја промовираме со  утрешниот турнир и се надеваме дека во иднина овој спорт Ќе заживее во иднина и во Охрид”, изјави директорот  на ЈП “Билјанини Извори”, Иван Цветкоски.

Како што кажа Гоце Тасески од Сојузот за училишни спортови, избрани се најдобрите ученици во одбојка од основните и средните училишта кои ќе играат  во две категории. За нив се обезбедени маици и дресови од Црвениот крст, а на најдобрите екипи ќе им бидат врачени и пехари.

Во чест на роденденот на Тоше Проески, в недела  од 20 часот во ноќниот клуб “Арена” младите волонтери на Црвен крст ќе организираат хуманитарна забава на која ќе се пејат песните од Тоше.

Средствата од билетите кои ќе се продаваат по цена од 60 денари ќе бидат наменети за помош на деца од општинава.

Активностите во чест на незаборавниот Тоше Проески Ќе се одвиваат под мотото ” Со Тоше во срцата –  со љубов кон децата”.