Во понеделник започнуваат уписите во јавните средни училишта за учебната 20013/2014 година, а во средните училишта се обезбедени 34.971 ученички места, од кои 22.694 во стручно образование, 11.597 во гимназиско образование, 408 во уметничко и 272 ученички места во спортската гимназија, кои се задолжителни согласно измените на Законот за средно образование, истакна Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, пренесува „макфакс“.

„Според јазикот на кој се изведува наставата, 24.029 слободни места има за учениците на македонски наставен јазик, за наставен албански јазик има 10.092 места, за турски јазик 816, а на српски јазик настава ќе следат 34 средношколци. Според податоците на МОН, во учебната 2012/2013 година настава посетувале вкупно 22.990 осмооделенци.“ – информираше министерот Спиро Ристовски.

Министерот нагласи дека казните за незапишување во средно образование остануваат и натаму на сила.

Од следната учебна година, исто така, се воведуваат и нови образовни профили во три струки: мултимедијски дизајнер во уметничкото училиште, техничар за логистика и осигурување во АСУЦ и угостителски техничар во „Лазар Танев“ во Скопје и „Ванчо Питошески“ во Охрид.

Експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе биде реализирана во скопското Државно училиште за физичка култура „Методија Митевски Брицо”, а потребните документи и сите други дополнителни информации се објавени на огласната табла на училиштето.

Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рокови, и тоа во јунскиот рок со две пријавувања од кои првото пријавување и запишување на учениците ќе биде на 24-ти и 25-ти јуни 2013 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26-ти јуни 2013  година. Квалификационото тестирање ќе биде организирано  во училиштата за средно образование на 28-ми јуни 2013 година, а резултатите ќе бидат објавени на 29-ти јуни 2013 година. Проверката на знаењата на учениците од заедниците ќе се реализира на јазикот на кој што ученикот ја следел наставата во основното училиште.

Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1-ви и 2-ти јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули 2013 година. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување, и тоа на 22-ри август 2013 година, а резултатите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 23-ти август 2013 година.

Училиштата кои во двата уписни рока не ги пополниле утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс,  продолжуваат со запишување на учениците до 30  август 2013 година.

OhridNews

извор: „Макфакс“