Со традиционалното меѓународно поетско читање „Мостови“ и врачувањето на највисоките фестивалски признанија, вечерва на Мостот на поезијата во Струга ќе биде заокружено 65. издание на Струшките вечери на поезијата.
Во пресрет на завршната свеченост, во црквата „Света Софија“ во Охрид синоќа се одржа традиционалниот „Портрет на лауреатот“, посветен на годинешната добитничка на „Златниот венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга. На настанот присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Пригодниот осврт за творештвото на Брасинга го одржа Бас Квакман, поранешен долгогодишен директор на Меѓународниот поетски фестивал во Ротердам, кој ја нарече холандската поетеса „јазична волшебничка на холандската поезија“ и оцени дека Струшките вечери на поезијата се „најдобриот поетски фестивал во светот“.
Квакман истакна дека Брасинга сосема неочекувано ја примила веста дека е добитничка на „Златниот венец“, нагласувајќи дека нејзиното творештво заслужено се приклучува на имињата на досегашните лауреати како Пабло Неруда, В. Х. Оден, Рафаел Алберти, Ален Гинсберг, Тед Хјуз, Јосиф Бродски и Маргарет Атвуд.
Во своето обраќање, Анеке Брасинга говореше за универзалната сила на поезијата и нејзината улога во времиња исполнети со неизвесност и конфликти.
„Која е моќта на поезијата? Може ли таа да нè спаси од хаосот и ужасите на војната? Да пишувам поезија за мене значи да имам живот. Таа ми овозможува да дишам и создава простор во кој насилството и конкуренцијата замолчуваат, а јазикот станува место на слободата, искреноста и еднаквоста“, истакна Брасинга.
Таа нагласи дека поезијата е извор на виталност на човечкиот дух и средство што ги поврзува луѓето преку зборот, носејќи надеж и можност за взаемно разбирање.
На завршната фестивалска вечер на Брасинга свечено ќе ѝ биде врачено признанието „Златен венец“, највисоката награда на Струшките вечери на поезијата.
На манифестацијата ќе биде доделена и наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија, која годинава ја доби македонската поетеса Николина Андова Шопова за стихозбирката „Во куќата“. Претходно, признанието „Мостови на Струга“, што заеднички го доделуваат УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата за најдобар поетски дебитант, му беше врачено на британскиот поет Даниел Хајндс.
По завршувањето на меѓународното поетско читање ќе биде прогласен и добитникот на наградата „Енхалон“.
Во рамки на денешната програма, учесниците ќе присуствуваат и на традиционалниот поетски излет со брод до манастирот „Свети Наум“, каде ќе се одржи поетско читање, како и доделувањето на наградата „In vino veritas“ за најдобра песна посветена на виното.
Годинашното, 65. издание на Струшките вечери на поезијата беше отворено на 24 јуни со традиционалното палење на фестивалскиот оган и садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатката Анеке Брасинга. Манифестацијата се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со поддршка на Министерството за култура и туризам.
OhridNews












