Кривичниот совет, предводен од судијата Милка Танеска, во вторник во 15.30 часот, ќе ја соопшти пресудата во судскиот процес што во Основниот суд во Охрид се води против Лазе Радески, обвинет за тројно убиство.

На денешното рочиште заврши доказната постапка во случајот, по што обвинителството и одбраната ги имаа завршните зборови.

Обвинителството останува на ставот дека обвинетиот Лазе Радески е виновен по сите основи, односно дека извршил три убиства, и побара тој да биде соодветно кaзнет.

Наспроти ова, одбраната во завршниот збор посочи дека не постојат докази дека Радески е виновен за делата за кои се товари и побара ослободителна пресуда.

Радески е обвинет дека во периодот од 2006 до 2008 година, ги убил уличните продавачи на девизи Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, сите од Охрид.

Во текот на судскиот процес обвинетиот го призна убиството само над Трајче Цоцески, за кое тврдеше дека го сторил во самоодбрана, додека ги негираше убиствата врз Спиро Ставрески и Раим Ракип.

Доколку биде прогласен за виновен, Лазе Радески, може да добие максимална казна – доживотен затвор.

Ohridnews