Водата во дел од селските водоводи во Дебрца и охридско повторно е неисправна за пиење, дознава OhridNews.

Во водоводите на месните заедници на селата Годивје, Врбјани, Сливово, Слатино, Лактиње, Песочан, Климештани, утврдено е отсуство на резидуален хлор. Истиот проблем се јавува и во селата Куратица, Косел, Опеница, Завој, Свињишта, Речица, како и во Елшани и Велестово.

Во случај кога водата за пиење е неисправна на месното население му се препорачува, пред употреба, водата од селските водоводи да ја преврива најмалку 20 минути.

Проблемот со квалитетот на водата за пиење во селата во кои водоводите се под надлежност на месните заедници, се провлекува веќе подолг период, а особено беше актуелен во месец март минатата година кога надлежните излегоа со официјални податоци. Освен што беше забележано отсуство на хлор, во дел од водоводите тогаш беа пронајдени и бактерии.

Препораките кои тогаш беа дадени до месните заедници, во селата со неисправна вода за пиење, беа нивни претставници да минат задолжителна обука која ќе ја спроведе Центарот за јавно здравје од Охрид, со цел да стекнат вештини за одржување на селските водоводи.

OhridNews