Организаторите на саемот за туризам и градоначалникот на Охрид, со смирени тонови денеска ги изгладија односите по недоразбирањата на свеченото отворање на манифестацијата, на кое Петрески не доби можност да ги поздрави учесниците.


Помирувачки тонови

На заедничка прес-конференција организаторите на саемот и градоначалникот Петрески демонстрираа единство, во интерес, на како што рекоа, претстојниот голем христијански празник Водици и развојот на туризмот.

Имаше одредено мало недоразбирање, но тоа го надминавме, изјави пратеничката Лилјана Поповска.

– Ние сме решени да се посветиме во развојот на туризмот и затоа се договоривме да ги надминеме несогласувањата, а на тоа не упатува и големиот празник Водици, рече Поповска. Недоразбирања ќе има, политиката за жал е премногу вмешана во Македонија, но ние тоа ќе го надминеме, бидејќи луѓето од туристичкиот еснаф се свесни дека треба да се оди напред, додаде пратеничката Поповска.

Градоначалникот Петрески иако поумерен во изјавите од синоќа, не пропушти уште еднаш да се наврати, на како што рече, скандалозниот момент.

– Не требаше јас да го отворам саемот за туризам, туку само да ги поздравам гостите, како што доликува на домаќин. Во интерес на големиот христијански празник Водици и по разговорите со пратеничката Лилјана Поповска вчерашниот скандал е  надминат. Во интерес на Охрид и Македонија го заборавив тој скандал и заедно продолжуваме понатаму да работиме во развој на туризмот, рече Петрески.

Зборови на помирување упати и директорот на Агенцијата за развој на туризмот, Зоран Стрезовски.

– Се договоривме заеднички да ги надминеме недоразбирањата . Треба позитивно да гледаме на саемот кој се одвива во добра атмосфера, во тек се еминентни научни форуми, а се потпишаа и повеќе меморандуми кои ќе придонесат за развопј на туризмот, рече  Стрезовски.

И додека одговорните денеска се обидуваа да ги ублажат последиците од синоќешниот скандал, никој не даде одговор кој всушност е виновен за срамот кој се случи во преполната сала во х. „Инекс“ и како тоа ќе влијае на имиџот на градот и државата кои токму преку саемот во Охрид се обидуваат да се промовираат во светска туристичка дестинација.

Ohidnews